Институтот „интерпелација”во никој случај не може да се примени за уставните судии, тоа е упад во самостојноста велат од Уставниот суд

По медиумскиот интерес за став од Уставниот суд во врска со т.н. интерпелации на уставни судии, Судот информира дека Уставот на Република Северна Македонија не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт.

 

Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, додаваат во соопштението, не подлежи на начелото на поделба на власта.

 

„Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки акти и дејствија.
Самостојноста и независноста на Уставниот суд и уставните судии имаат најсилна уставна гаранција.
Уставот не му дозволува на Собранието на Република Северна Македонија со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии. Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд“.

 

Појаснуваат дека основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот.

 

„Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд.

 

Уставниот суд укажува, до сите државни органи, дека се должни да се придржуваат на, со Устав утврдените надлежности, бидејќи никој нема повеќе права од оние коишто Уставот му ги доделува. Секој е должен да ја унапредува уставната, правната и политичата култура како основи на едно демкратско општество. Секој е должен да го почитува Уставот“





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.