
Тим пластични хирурзи се селат во Кочани, Таравари очекува за две недели половина од пациентите да се вратат дома
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 24 Март 2025

Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, во денешната изјава за медиумите информира дека вкупно 16 пациенти, кои се лекуваат во државата, денеска се испишуваат од болница и се упатуваат на домашно лекување.
„Истовремено, веќе се подготвуваме за прием на пациенти што се враќаат од странство. Во моментот се вкупно 115 пациенти надвор од државата. Оваа недела очекуваме 8 пациенти да се вратат на нашите клиники, каде што претходно биле примени, и од таму ќе бидат упатени онаму каде што треба да продолжат со лекување. Минимум престојот ќе биде еден-два дена и потоа ќе бидат пуштени дома. Нема да оставиме ништо на случајност. Во моментот 4 пациенти се покритични од оние што се лекуваат надвор од државата. Да се надеваме дека и нивната состојба ќе се подобри“, рече министерот Таравари.
Во моментот во Скопје се лекуваат вкупно 46 пациенти, од кои 26 се на Клинички центар (3 пациенти на КАРИЛ, 6 на Пластична хирургија, 11 на Токсикологија, 2 на Пулмологија, 2 на Детска хирургија, 1 на Торакална хирургија и 1 на Офталмологија). Во ГОБ „8 Септември“ и во старата Градска болница се сместени по 10 пациенти.
„Се надевам дека половина од пациентите од странство ќе се вратат за две недели, кај некои веќе се прават и други оперативни зафати на кожата и кај нас и надвор од државата и веќе зборуваме за фаза на рехабилитација, но за тоа дополнително ќе информираме“, истакна министерот.
Воедно, министерот информира дека тим пластични хирурзи ќе престојуваат во Кочани за пациентите што ќе бидат на домашно лекување откога ќе се вратат од клиниките, да може да ги добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат.
„Ние веќе работиме со редовни програми на нашите клиники и така ќе продолжиме. Денеска зборувавме и за тоа бидејќи повеќето пациенти се од Кочани, тим пластични хирурзи ќе бидат во Кочани, ќе одат таму да видат за што има потреби за да интервенираат кога треба. Штипската болница веќе има четири пластични хирурзи. Ќе бидеме во комуникација, ќе им дадеме поддршка, за да не патуваат пациентите, туку нашите доктори да одат и да им ја дадат потребната помош“, посочи министерот Таравари.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
