„Секој еден може да е следен, сакаме да живееме во безбедна држава“: порачаа учесниците на протестниот марш

На Плоштадот Македонија во Скопје започна протестот на граѓанското движење „Кој е следен“.

 

Учесниците бараат одговорност за трагедијата која минатата недела се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

 

Со транспаренти „Системот е следен“ и извикувајќи “Доста беше смрт”, “Секој еден, може да е следен”, на протестниот марш граѓаните со триминутен аплауз ги поздравија и поддржаа лекарите кои се грижат за повредените од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

 

Протестот започна на плоштадот Македонија во Скопје и продолжи пред зградата на Собранието и Градската болница, каде што граѓаните ги поздравија лекарите и им изразија поддршка.

 

Од движењето во најавата за маршот напоменаа дека се исклучиво против секаков вид насилство и провокации, а воедно се оградуваат и од каков било повик, скандирање (говор на омраза) или однесување кое има за цел да го наруши јавниот ред и мир.

 

„Ние сме граѓанска иницијатива, не сме поврзани со ниту една политичка партија. Многу е битно да се разграничи партизирање од политизирање. Ние сме активни граѓани, сакаме да останеме тука, да живееме во Македонија, но да е безбедно, бараме одговорност, безбедност и транспарентност и затоа протестираме“, изјави Милена Јаневска од граѓанското движење.

 

Како што најави очекуваат транспарентност од истражните органи и поддршка од медиумите, очекуваат одговорност од сите поврзани со кочанската и сите претходни трагедии. Изразуваат целосна поддршка до медицинскиот персонал и сите вклучени во истрагата.

 

„На улица сме зашто треба да се слушне гласот на народот, секој револт на граѓаните е оправдан“ нагласи Јаневска.

 

Поради протестниот марш, од 19.00 часот е воведен посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје. СВР Скопје апелира да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.