
Поранешен шеф на КГБ: Русија и САД конечно имаат ист непријател
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 26 Март 2025

„Русија, Кина и САД се пред создавање на нов геополитички поредок кој доколку Европа не реагира навреме, може да го исфрли континентот од игра“, предупредува поранешниот висок функционер на руските тајни служби Евгениј Савостјанов. Поранешниот шеф на московскиот огранок на КГБ тврди дека Европа мора итно да се разбуди и да ги препознае амбициите на Владимир Путин, во спротивно може да падне во политичка и безбедносна ирелевантност.
Тој, исто така, предупредува дека сегашните разговори меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин може да резултираат со договори кои целосно ќе ја заобиколат Европа и ќе ја остават без влијание врз клучните меѓународни прашања. „Европа мора да преземе одговорност за својата судбина – да ги зајакне одбранбените капацитети и да започне силни информативни кампањи кои ќе ги доближат вистинските закани до граѓаните“, вели Савостјанов.
Говорејќи за италијанскиот „Кориере дела сера“, тој јасно ги предупреди европските лидери: „Денес сте под притисок од две сили – Русија и новата верзија на САД – кои длабоко ги презираат вашите фундаментални вредности“.
„Она што ги обединува е тоа што ве сметаат за заеднички непријател. На некој начин сте опкружени. Се плашам дека кај вас нема вистинска свест за опасноста на која сте изложени – пред се опасноста да станете ирелевантни, а со тоа и да ги изгубите сопствените демократски вредности.
Според него, нов глобален поредок е неизбежен, особено поради одлуката на САД да се повлечат од активна улога во меѓународните односи. „Европа мора да го врати статусот на глобален политички актер ако сака самостојно да ја гарантира сопствената безбедност“, рече тој.
За да може Европа да се спротивстави на овој тренд, Савостјанов смета дека мора силно да застане зад Украина и да започне паневропска кампања која ќе им ја објасни на граѓаните новата глобална реалност.
Европските претставници веќе изразија загриженост дека континентот е на маргините додека САД и Русија одржуваат клучни разговори – вклучително и оние за прекин на огнот. Не гледајќи начин да се постигне мир без американска поддршка, Европејците се принудени да ја следат агендата на Трамп на секој чекор од патот.
Ова е причината зошто многу европски влади почнаа да ги зголемуваат своите буџети за одбрана во последните недели. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека „Европа мора итно да се превооружи“.
Савостјанов тврди дека долгорочната амбиција на Путин е да ја врати Русија на глобално влијание кое го немало од распадот на Советскиот Сојуз. „Путин сака да влезе во историјата како „голем колекционер на руски земји“, оној кој го смени падот на империјата што започна во 1867 година со продажбата на Алјаска на САД.
Таа цел, тврди тој, вклучува територијални амбиции кон Одеса, Придњестровје и Кишињев, како и забрана за каква било европска мировна мисија на украинска територија. Според достапните информации, Русија ќе бара целосна контрола врз четирите украински региони кои во моментов делумно ги окупира во преговорите за прекин на огнот.
Савостјанов посочува дека, доколку Европа продолжи по својот сегашен политички пат, Кина ќе преземе доминантна улога во новиот светски поредок. „Во тој случај, Русија ќе стане „примерен заменик“ на Пекинг“, вели тој. „И Европа, свесно или не, ќе се помири со фактот дека е подредена на сојузот меѓу Кина, Русија и нивните сојузници.
Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи вчера ја отфрли можноста за учество во европската мировна мисија за Украина. Кина сè уште тврди дека останува неутрална во однос на руската инвазија, иако одржува блиски политички, економски и воени односи со Москва.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
