Четворицата лидери на „Влен“ вечерва ќе одат на ифтарска вечера кај Аљбин Курти, Таравари вели дека ќе разговараат и за локалните избори

За претстојните локални избори како и за сите актуелни теми во земјава и во регионот, вечерва, на ифтарска вечера кај премиерот на Косово, Албин Курти ќе разговараат четворицата лидери на коалицијата „Влен“ , по објавите дека има несогласувања меѓу нив околу кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори.

 

„Денска четирите претседатели на партиите на ‘Влен’ се повикани на ифтарска вечера кај премиерот на Косово, господинот Албин Курти. Тука ќе одиме сите четворица на ифтарска вечера. Меѓудругото можеби ќе разговараме и за политички актуелни теми во Косово, во регионот, во Македонија нормално, за идните локални избори. За локалните избори сме во релаксирана и добра атмосфера. Јас се надевам дека ќе изнајдеме најдобро можно решение, зборувам за ‘Влен’, во Влада нема некакви проблеми, турбуленции. Зборувам за меѓу нас во ‘Влен’ како да биде најдоброто можно решение да нема незадоволни, сите страни да бидат задоволни во таа коалиција“, вели министерот Таравари.

 

Некои од медиумите оваа недела објавија дека во коалицијата „Влен“ има несогласувања поради тоа што актуелниот министер за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари побарал 40 отсто од кандидатите за градоначалници да бидат од неговата партија. Тој не кажа дали имал такво барање и цела недела уверува дека коалицијата „Влен“ е стабилна.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.