
Филипче: Понеспособна влада сме немале никогаш досега, ќе се бориме за доброто на државата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 07 Април 2025

СДСМ ќе ја врати државата на победничката патека, за доброто на Македонија, за доброто на сите граѓани, кажа синоќа на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, откако беше реизбран за лидер на партијата.
„Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе не претстават на локалните избори, луѓето кои имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пред пријателите и познаниците во своите општини, луѓе на кои може да им се верува дека политиките и програмите кои ќе ги ветат, ќе може да ги исполнат. Ќе имаме тешка работа затоа што ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, за жал нивните градоначалници не испорачуваат добри политики, гледаме се повеќе корупциски скандали, не ги водат општините како што треба“, рече Филипче.
Тоа, според него, најдобро се гледа по примерот на градот Скопје, којшто, како што рече, заради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ нема ни јавен превоз, ни чисти улици, ниту еден проект за доброто на граѓаните и оти Скопје мора повторно да стане метропола.
„Имаме уште една тешка друга борба – а тоа е да се бориме против оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, која што во изминатите десет месеци само покажа дека ниту знае ниту умее да се справи со проблемите, дека се што кажаа излажаа, дека не испорачаа ниту едно ветување, понеспособна влада државава немала никогаш досега“, истакна лидерот на СДСМ.
Затоа, рече Филипче, имаме обврска пред граѓаните да покажеме дека сме подготвени и мотивирани, дека знаеме, умееме и ќе се бориме за доброто на државата и дека ќе ја вратиме на европскиот пат.
„Нема да дозволиме граѓаните да бидат манипулирани. Нема ниту една област во која нешто добро се случува. Видете што се случува и какви катастрофални политики се водат во земјоделството, образованието, здравството. Гледајте што се случува со платите на работниците, ги убедуваа дека можат да живеат со 400 евра месечно, какви лицемери седат во владата – оттука јасно им порачувам СДСМ е силна, спремна и консолидирана и се враќа на победничката патека. Ние ќе бидеме тие што ќе ја вратиме државата на победничката патека“, заклучи Филипче.
Тој од вкупно 23.712 запишани избирачи добил 18.001 глас, додека 139 ливчиња се неважечки, соопшти претходно претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
