
Гаши: Ромската заедница дава огромен придонес за културниот и за општествениот живот во државата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 08 Април 2025

Ромската заедница со својата култура, јазик, музика и обичаи дава огромен придонес за културниот и за општествениот живот во нашата држава. Таа е важен и нераскинлив дел од нашето заедничко наследство, кое го прави нашето општество побогато и поразновидно, пишува во честитката на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
„Овој ден е посветен на одбележување на богатата култура, уникатната традиција и долгата и значајна историја на ромскиот народ во светот. Истовремено, овој ден служи и како важен потсетник за сите нас за неопходноста од поголема социјална инклузија, еднакви можности и почитување на човековите права за секој граѓанин“, се наведува во честитката.
Како претставници на граѓаните, вели Гаши, имаме обврска и одговорност континуирано да работиме на унапредување на правата и положбата на ромската заедница обезбедувајќи еднакви можности и услови за достоинствен живот на сите наши сограѓани.
„Нашиот заеднички стремеж треба да биде општество во кое различностите се почитуваат, каде што секој поединец има можност да го достигне својот целосен потенцијал и каде што сите ние живееме во слога, почит и меѓусебно разбирање. Нека овој празник нè обедини во идејата за праведно и еднакво општество и нека биде поттик за сите нас да продолжиме да работиме со уште поголема посветеност кон подобра иднина за сите“, пишува во честитката од Гаши.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
