
Мециновиќ побара да не се носи закон за медиуми без дискусија со медиумите
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 09 Април 2025

„Јас барам точката седумнаесет, а тоа е предлог на Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за медиумите во прво читање, да биде тргната од дневниот ред поради низа причини. Пред сè, добро е што воопшто е ставена во редовна постапка. Очекувавме дека ќе оди во скратена постапка, како што досега беше праксата за ова парламентарно мнозинство“, истакна пратеникот и портпарол на Левицата, Амар Мециновиќ, на собраниската седница.
„Во комуникација со медиумски фактори, сепак, сметаме дека и ова е избрзување за носење ваква битна материја затоа што сметаме дека таа треба да ги вклучи сите општествени фактори, кои се занимаваат со оваа материја. Политичките партии, медиумите и граѓанскиот сектор се три одделни елементи во општествениот дискурс. Треба да се рашири дебатата! Затоа повикувам оваа точка да биде симната и пред неа да претходи опширна и инклузивна јавна расправа во која ќе бидат вклучени тие релевантни фактори на оваа материја“, појасни Мециновиќ.
Од Левицата сметаат дека во ова законско решениe има некои опасности што може да се појават.
„Сметаме дека, апсолутно, е потребна регулација на оваа материја затоа што, генерално, овие луѓе се оставени без никаква законска заштита. Но, сакам да потсетам дека секогаш кога собранијата се обидувале да го регулираат интернетот, тоа е ловење воздух затоа што ако има малициозни намери и ако има ресурси за тоа да се направи, на интернетот многупати може да се заобиколат регулациите“, додаде портпаролот на Левицата.
Според Мециновиќ, со овој предлог-закон се фаворизираат веќе постојните медиумски магнати и оние што имаат ресурси да играат во врска со законите.
„Наспроти фаворизирањето на постојните медиумски магнати, искрените портали, кои се со помал број вработени и кои работат на специјализирани теми, како, на пример, што се: спортските портали, автомобилските портали, религиските портали – тоа се портали за кои не е потребен толкав тим или таква инфраструктура како што се предлага во овој закон.
Поради наведените причини, пратеникот од Левицата повика да биде тргната оваа точка.
„Сметам дека сѐ додека политичката каста се обидува без комуникација со медиумските претставници да го регулира овој простор, многу лесно тоа може да западне во авторитарно однесување, кое потоа ќе го гледаме преку негативни последици, кои се одразуваат врз севкупниот демократски амбиент во Република Македонија и во ослободувањето на мислата и поткрепувањето на транспарентноста во дискурсот во општеството“, појасни Мециновиќ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
