Проблемот на Државниот архив останува – ДПМНЕ си ги мие рацете со реконструкција на покривот, велат од Левицата

Според партијата Левица, Владата на ДПМНЕ наместо да го реши проблемот со Државниот архив на Македонија и да го врати во старата наменска зграда за Архив, како што бараат вработените и стручната јавност, повторно ќе фрла пари за санација на нефункционален простор.

 

Од таму велат дека владата на Мицкоски одобрила реконструкција на покривот на Археолошки музеј кој е сместен на шестиот кат во оваа зграда.

 

„Десет години пропаѓа целата историска и културна меморија на Македонија, најзначајните, оригинални и ретки историски документи кои се темел на државотворноста се во опасност од уништување, затоа што се чуваат во несоодветни услови.
Покривот на зградата, изградена од владата на ДПМНЕ во проектот „Скопје 2014“ прокиснува, нема вентилација, а низ ѕидовите каде што се чува документацијата поминуваат одводни и доводни цевки. Исто толку време вработените и стручната јавност бараат Архивот да се врати во наменски изградената зграда во која архивот функционираше од 1969 година се до неговото исселување во 2014 година, кога оваа зграда беше отстапена на Обвинителство за организиран криминал“.

 

Појаснуваат дека наменски изградената зграда за Архив ги поседува сите потребни елементи од одвоени простории за администрација и депоа, до депоа изградени по сите стандарди за архивско работење, дури и маркица за градба на второ депо ако првото се наполни.

 

Според оваа партија, Владата на ДПМНЕ на чело со Груевски го исели Архивот од неговата наменски изградена зграда за грант од 600.000 евра од европските фондови.

 

Додаваат дека СДС пред да дојде на власт ветуваше решавање на проблемот но, откако седна на премиерското столче Заев ја препушти работата на Зорица Апостоловска, министер без ресор, која се истрча со нереален предлог за изградба на нова зграда за Архив.

 

„Денес, владата на Мицковски си ги мие рацете со реконструкција на покривот“.

 

Левица апелира да престанат игрите со една од најзначајните институции и Државниот архив на Македонија да се врати во својата наменски изградена зграда





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.