
Скопската ЗОО од утре може да биде затворена, вработените од вчера се и без здравствено осигурување, а плата немаат 45 дена
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 02 Мај 2025

Доколку не им биде исплатена платата за март на вработените, веројатно скопската Зоолошка градина од утре ќе биде затворена за посетители. Вака најави Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), оти вработените, поради доцнењето на платата, веќе немаат ниту здравствено осигурување, а секојдневно се изложени на повреди.
„Испоснички го дочекаа Велигден, а тој испоснички живот во Зоолошката градина продолжува и за првомајските празници и навистина трпението на овие луѓе е при крај. Премногу културно се однесуваат овие луѓе, кои се дел од културата и со избрани зборови ја кажуваат својата мака, како и тагата, но факт е дека од вчера немаат ниту здравствено осигурување. Секојдневно се изложени на повреди и да останат без здравствено осигурување во најмала рака е нехумано и итно мора да се најде решение за овој проблем. Дефинитивно, СОНК ќе ја земе работата под свое и оваа наша толеранција, оваа наша коректност кон надлежните, веројатно некој ја толкува како наша слабост. Апсолутно не е така, ако денеска излегоа луѓето да си ја кажат својата мака јавно, пред медиумите, од утре па натаму, доколку не се исплатат платите, веројатно и вратите на Зоолошката ќе бидат затворени“, рече претседателот на СОНК, Неделков.
Установите од културата, кои се на централно ниво, Неделков вели дека веќе сите имаат земено плати, како што е дадено упатството од Министерството за култура, но, за жал, некои од институциите, кои се на локално ниво, од засега непознати причини сѐ уште немаат плата. Неделков побарал состанок со директорот на Зоолошката, но тој денес не е работа, па писмено ќе му се обратат за да побараат средба и со него и со одговорните на централно ниво.
Некои од вработените, денес, за време на паузата, излегоа пред Зоолошката и апелираа да им се исплатат платите.
„Овој протест е за да нѐ видат дека навистина немаме земено плата за март. Последната плата ја зедовме пред 45 дена. Нам ни требаат пари, а од вчера го изгубивме и здравственото поради тоа што не зедовме плата навреме. Имаме колеги на боледување и бараат што побргу да им се реши проблемот, кај без пари, па и без здравствено осигурување сме. Ги замолувам оние што се надлежни во оваа работа што побргу да најдат модус да го решат ова за ние што побргу да земеме плата за да не дојдеме до некои други несакани работи, да не дојдеме до големи штрајкови. Ние сме 50-ина вработени и веќе ни се јавуваат банки, извршители, телефоните ни се исклучени“, рече Миле Таневски, претседател на синдикалната организација на скопската Зоолошка градина.
Зоонегувателот Мирослав Станковиќ вели дека во Зоолошката работните задачи за двајца вработени ги завршува по еден оти немаат доволно вработени.
„Ние сме склони на повреди, сега веќе немаме ни здравствено осигурување. Работата не ни е лесна. Надвор сме во сите временски услови, правиме сѐ, импровизираме за да ги решиме сите проблеми. Заслужуваме редовно да си работиме, да мислиме само на работата и на животните. Ние сме минимално вработени. Немаме луѓе по реони, работници, даваме сѐ од себе. Кога треба една работа за двајца да ја работи еден, тоа е многу тешко“, вели Станковиќ.
Вработените што излегоа пред Зоолошката и без плата и без здравствено осигурување, денес, по паузата, им се вратија на обврските.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
