Диди ја одби спогодбата: му се заканува доживотен затвор

Судот во Њујорк потврди дека Шон (Диди) Комбс го отфрлил договорот за признавање вина од федералните обвинители, кој би му дал намалена затворска казна во замена за признавање на вината, објави „Еј-би-си њуз“. Одлуката е донесена само три дена пред почетокот на неговото судење, кое вклучува сериозни обвиненија за рекетирање, трговија со луѓе и организирање проституција.

 

Судијата Арун Субраманијан лично го праша музичарот дали ја одбил понудата на обвинителите. „Да, да, Ваша чест“, одговори Комбс на сослушувањето.

 

Деталите за одбивањето не се објавени. Судењето почнува в понеделник со избор на порота, а воведните зборови се закажани за 12 мај.

 

Комбс се соочува со доживотен затвор доколку биде прогласен за виновен по сите точки од обвинението.

 

Обвинителите тврдат дека познатиот продуцент со години принудувал жени на сексуални односи. Во обвинението се тврди дека тој водел криминална организација, која систематски злоупотребувала повеќе жртви во целата земја.

 

Еден од клучните сведоци ќе биде неговата поранешна партнерка, пејачката Кеси Вентура, која јавно го обвини за силување и долготрајна злоупотреба во 2023 година. Тој случај бргу беше решен надвор од судот, а деталите од спогодбата не се познати.

 

Адвокатите на Комбс најавуваат одбрана врз основа на тврдењето дека станува збор за свингерски начин на живеење, што нивниот клиент не го сметал за проблематичен бидејќи, според адвокатот Марк Агнифил, тоа било вообичаено и општествено прифатено во одредени кругови.

 

За време на судењето се очекуваат исклучително шокантни сведоштва. Обвинителите најавија сведочења за години физичко малтретирање, принудни сексуални маратони и повеќекратни силувања.

 

Комбс е во притвор во Бруклин од апсењето во септември 2024 година. Тој беше уапсен откога властите ги претресоа неговите луксузни вили во Лос Анџелес и на Мајами, каде што наводно беа пронајдени автоматски пушки „АР-15“ и илјадници шишиња лубрикант.

 

Се очекува судењето да трае помеѓу осум и десет недели.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.