Николоски по потпишувањето на Договорот во Лондон: Започнуваме нова историја за развој

Вицепремиерот Александар Николоски денеска во Лондон во име на Владата го потпиша Договорот Влада со Влада за политичка и економска соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство. Со Договорот на Македонија и се ставаат на располагање 6 милијарди евра за финансирање на капитални проекти.

 

 

„Навистина сме почестени што, не само што сме во Лондон и во Министерството за трговија и бизнис, туку и во оваа историска просторија, “Черчиловата соба”. Сметам дека тоа е навистина силен знак и сигнал за нашето партнерство, привилегија е да се биде токму во оваа просторија и да се потпише меѓувладиниот договор токму во оваа просторија“, рече Николоски.

Тој додаде дека стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледа како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво.

„Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период“, рече Николоски.

Додаде дека веќе има три проекти кои што се подготвени: тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и проектот за образование, за Медицинскиот факултет.

„Она што е уште поважно за нас е дека ќе го искористиме искуството, но и најдобрата експертиза од британската јавна администрација, како и британскиот бизнис сектор, со што нашата администрација и нашиот бизнис сектор ќе дојдат до едно сосема ново ниво“, рече Николоски.

Рече дека со нетрпение го очекува потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство со што, како што кажа, двете земји, ќе воспостават сосема нови односи.

„Ние сме сојузници во НАТО, но овие билатерални договори ќе не одведат на сосема ново ниво од нашата соработка и навистина сум благодарен што сме правата земја што потпишува ваков тип на договор”, изјави вицепремиерот Николоски по потпишувањето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.