Соработката на локалната самоуправа со граѓанскиот сектор императив за демократско управување
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 06 Ноември 2018
Граѓанските организации да бидат во служба на локалната демократија, споделувањето добри практики од Македонија, балканскиот регион и земјите од Европската унија за соработката меѓу граѓанските здруженија и локалните власти и улогата на ваквата соработката во процесот на европската интеграција, е во фокусот на дводневната Меѓународна конференција „Европска интеграција низ перспективата на соработка меѓу граѓанските здруженија и локалните власти".
Заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, кој се обрати на конференцијата, рече дека ова е период кога политичките претставници и претставниците на граѓанскиот сектор и воопшто граѓаните, направија и се уште прават вонредни напори за ревитализација на евроатланските перспективи на државата и членство во ЕУ и НАТО.
-Граѓаните од регионот чии претставници учествуваат на оваа Конференција сакаат да бидат дел од ЕУ, тоа значи да живеат во демократски општества, со перспективи за развој, со добро образование, здравство, да споделуваат заеднички вредности, да градат мостови со своите соседи, со граѓаните на Европа, посочи Павлески.
Посочи дека Владата направила исклучителен исчекор на овој план со соседните земји, а особено со потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија, во духот на добрососедството и соработката меѓу државите и народите, а истото, рече, важи и за соработката меѓу властите и граѓаните.
– Процесот на евроинтегрирање, особено со отпочнувањето на преговорите, неминовно бара соодветна општествена акција што е невозможна без тесна соработка на сите нивоа на власт со граѓанскиот сектор. Соработката на локалната самоуправа со граѓанскиот сектор се наметнува како императив за демократско управување со вклучување на граѓаните во донесување на одлуките, истакна Павлески.
Посочи дека на една отворена власт секогаш и се потребни идеите и ентузијазмот на граѓанскиот сектор, што на легално донесените одлуки ќе им даде легитимитет-широка поддршка од страна на граѓанството и нивно успешно спроведување.
– Ако се има предвид дека околу 70 отсто од законите се имплементираат на локално ниво, што значи и голем дел на ЕУ директивите вградени во нашето законодавство, ако се има предвид дека општините испорачуват голем број услуги на граѓаните и на бизнис заедницата, дека 100 милиони евра во вториот ИПА Програмски период се реализираат преку Програмите за прекугранична соработка главно од општините и од граѓанските организации, јасно е колку е голема и важна улогата на локалните власти во процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ, рече тој.
Смета дека е важно да се работи на паралелно зајакнување на капацитетите и на двете страни, на локалната администрација и на граѓанските организации за институционална, транспарентна и предвидлива соработка, врз основа на заеднички креирани процедури.
– Довербата е важен услов за соработка што треба да биде ориентирана кон потребите на граѓаните и подобрување на квалитетот на живеење во локалните заедници. Тоа е ЕУ, стандарди, процедури, транспарентност и отчетност, еднакви можности, почитување на законите, стабилност, подинамичен и оддржлив развој, повеќе работни места, поквалитетен живот, заклучи заменик-министерот за локална самоуправа.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов рече дека целта на конференцијата е да се истакне важноста и потребата од граѓанскиот дијалог и соработката на локално ниво како услов за добро владеење во локалната самоуправа.
-Наша одговорност е да ја вклучиме пошироката јавност во планирањето во развојот на градот и во развојот на општините, и во утврдување на заедничките приоритети и реализација на проектите. За жал Градот Скопје во минатото се оддалечи од сопствените граѓани. Токму заради тоа пораките што ги праќам како градоначалник и дејствијата што ги преземаме како градска администрација се со цел градот да го направиме подостапен за граѓаните, односно граѓаните да бидат дел од носењето на одлуките што ги засегаат непосредно во нивното секојдневие, рече Шилегов.
Шилегов посочи дека евроатлантските интеграции многу директно и многу експлицитно ќе влијаат врз квалитетот на живеење и развојот на градот.
– Ние ќе мора да ги доловиме стандардите како институции, но и одговорностите и како институции и како граѓани кои следуваат со зачленувањето во овие асоцијации, особено во ЕУ. Претпристапните преговори не се ништо друго туку адаптирање и на луѓето и на институциите и на пазарот на новите услови и правила што важат во ЕУ кои ќе придонесат, особено во сегментот на урбаното живеење, да постигнеме многу повисоки стандарди и да смениме некои од навиките што досега ги имавме и како институции и како луѓе поединци, додаде градоначалникот.
Во рамки на конференцијата, градоначалникот Шилегов и претседателката на Европското движење движење во Република Македонија Милева Ѓуровска, потпишаа Меморандум за соработка меѓу Град Скопје и ЕДРМ.
-Меморандумот за соработка ќе ни овозможи да реализираме заеднички проекти со една од првите невладини организации во Македонија, Европското движење, и да ги промовираме европските вредности во Скопје и пошироко. Убедени сме дека евроинтеграцијата ќе влијае врз подобрување на квалитетот на животот, изјави Шилегов.
Ѓуровска изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот, што ќе биде гаранција за, како што рече, тесна соработка на граѓанскиот сектор со локалните власти.
-Легислативата која ја имаме преку законите за локална самоуправа и за рамномерен регионален развој, се тие што не приближуваат кон ЕУ. Но легислативите ги немаме во практика. Во Источна Македонија имаме региони со 15 отсто населеност. Имаме депопулација и напуштање на цели региони кои остануваат без население и тоа се многу важни проблеми, покрај високата стапка на невработеност таму, посочи Ѓуровска.
Конференцијата е во организација на ЕДРМ, Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА, Скопје и Здружението на финансиски работници од Велес во рамките на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија".
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс