Тор Педерсен – првиот човек што посетил 203 земји, без да користи авион

Четириесет и четиригодишниот Тор Педерсен, авантурист од Данска, стана првиот човек на светот што посетил над 200 земји, без да користи авион, на континуирано патување, кое траело речиси една деценија.

 

Своето животно искуство го нарекува авантура на животот, но признава и дека се чувствува како последните десет години да ги поминал во кома.

 

Тор Педерсен отсекогаш имал страст за патувања и предизвици.

 

Идејата за оваа необична мисија потекнува од е-пошта што му ја испратил татко му. Имало линк до статија за луѓе што патувале во секоја земја во светот – но никој од нив не го направил тоа без летање. Тоа ја запалило искрата.

 

Педерсен си постави цел: да посети 203 земји, без ниту еден лет и со буџет од 20 евра дневно

Своето патување го почнал на 10 октомври 2013 година во 10 часот оставајќи ја родната Данска и неговата тогашна девојка Ле (40), докторка, која останала дома.

Во тој момент верувал дека патувањето ќе трае четири години. Наместо тоа, биле потребни девет години, девет месеци и 16 дена.

„Имаше моменти кога не знаев дали некогаш ќе завршам. Се чувствував како да сум заробен во временска капсула. Сè се менуваше и постојано бев во движење“, изјави Педерсен.

 

Неговото патување вклучувало возови, автобуси, бродови, камиони, па дури и пешачење низ џунгли, пустини, планини и градови

Попатно се соочил со болести, бирократија, осаменост, но и неизмерна човечка добрина и солидарност.

Денес, од својот дом во Данска, тој вели дека дури сега полека ги сфаќа размерите на она што го направил.

„Сè уште се навикнувам на идејата дека повеќе не морам да одам никаде. Дека можам да останам. И дека, и покрај сè, преживеав“, вели со насмевка.

Тој даде одлично интервју за „Гардијан“ и опиша какво било неговото патување.

„Иако често имав чувство дека сум роден барем еден век предоцна – во време кога немаше ништо за откривање и снимање – сè уште имав жестока потреба за авантура. Во 2013 година открив дека никој сè уште не успеал да патува постојано во сите земји во светот, без да користи авион. Тоа беше шанса да направам нешто што никој пред мене не го направил.

Во тоа време тој имал околу триесет години, стабилна кариера во поморството и логистиката, штотуку запознал прекрасна жена, а повеќето негови врсници веќе имале деца. Сепак, идејата не го напуштила.

„Јас тргнав на пат на 34 години – и не се вратив дома речиси една деценија“, раскажа.

А што научил за време на ова несекојдневно патување во продолжение.

„Една студена декемвриска вечер пристигнав во Сувалки, најстудениот град во Полска. Без СИМ-картичка, само со моето име и адреса на хартија, талкав во снегот барајќи помош“, се сеќава Педерсен додавајќи дека жена што зборува англиски му ја отворила вратата и веднаш го поканила внатре.

Како што вели, таа му понудила храна, кревет и утрото го придружувала до автобусот за Литванија.

 

„Бев засолнет од целосен странец – без ништо за возврат“, вели тој.

„Лесото беше 106. земја на мојата листа, вели тој, но една од најпосебните. Целата земја се наоѓа над 1.400 метри надморска височина. На местото Семонконг се најдов среде зелени планини, чист воздух и кристално чисто небо.

Тука се и водопадите Малецуњане – речиси 200 метри високи водопади, кои блескаа на сонцето. И јас бев таму сосема сам“.

Како што објаснува Педерсен, за време на минувањето низ Западна Африка, трите земји – Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија – се бореле со најголемата епидемија на ебола. Сепак, по само еден час во Сиера Леоне, ме поканија на свадба – музика, танцување, насмевки.

Во најтешките околности луѓето наоѓаат начини да се радуваат, да сакаат и да се поврзат.

 

Изолацијата е најголемата грешка

„Во Данска, каде што сум роден, секој избира место што е можно подалеку од другите во јавниот превоз. Но, во Африка, седењето до некого значи создавање заедница – споделување храна, разговор, грижа за децата. Кога помислив дека возачот ќе ме остави на контролниот пункт, жената зад мене ми објасни дека тоа е тактика да ги збуни војниците.

 

Постои разлика помеѓу она што го сакате и она што навистина ви треба

Патувањето речиси десет години, без пауза, ја црпи душата.

„По две години, удрив во ѕид, но морав да продолжам. Научив дека не ми требаат работи – туку врските што ги создадов со луѓето од целиот светот. Сè друго беше минливо“, вели тој.

 

Не ви треба заеднички јазик за да се поврзете со луѓето

„Во возот од Белорусија до Москва никој не зборуваше ниеден друг јазик, освен руски. Сепак, се смеевме, делевме храна и вотка. Преговарав за цените покажувајќи сметки, наоѓав сместување со гестови и често детската насмевка ме спасуваше од најтемните моменти“, вели тој.

 

Бавното патување ја открива вистинската големина на светот

Летот помеѓу Лондон и Њујорк трае неколку часа, но ако одите со брод и со автобуси, гледате премини од пустината во шумата, од селото во градот, од реката до океанот.

Границите ретко се остри – луѓето од двете страни често јадат иста храна, зборуваат слични јазици и споделуваат култура.

 

Патувањето е најинтензивното образование

Кога патувате, постојано сте под притисок да научите: како да се движите, да препознавате опасност, да комуницирате без јазик, да најдете основни работи.

„Се вратив со знаења за јазиците, геополитиката, хуманитарната работа, географијата и најмногу – за себе. Заминав на 34, се вратив на 44, но според она што го преживеав, можеби сум, всушност, многу постар“, вели тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.