Малолетници во Сараево упатувале закани за бомби до училиштата, тројца уапсени

Полицијата во Сараево денеска го потврди апсењето на двајца малолетници кои упатиле закани со бомби во училиштата, а претходно за ова е приведен уште еден малолетник, но заканите со бомби продолжуваат да пристигнуваат што ја отежнува наставата, а родителите на учениците бараат поодлучни мерки за заштита.

 

Како што соопшти во средата Министерството за внатрешни работи на округот Сараево, малолетници се осомничени дека вчера и порано, лажно пријавувале постоење на експлозивни направи во средните училишта и други објекти во кантонот Сараево.

 

„Мешовит тим составен од полициски службеници од Полициската управа на Министерството за внатрешни работи, експерти за сајбер безбедност од Федералната полициска управа и кои дејствуваат под надзор на окружното обвинителство продолжува интензивно да работи на овие случаи“, соопшти полицијата, додавајќи дека им помага и Разузнавачката служба во идентификувањето на лицата кои испраќаат закани – Агенција за безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).

 

На почетокот на неделата беше идентификуван и уапсен уште еден малолетник за кој истрагата утврди дека е автор на десетици закани упатени до училиштата. Утврдено е дека тој упатувал закани дури 40 пати.

 

Детали за идентитетот не се објавени поради законските одредби кои ги штитат малолетниците во вакви случаи, а од обвинителството најавија дека по 24-часовен притвор ќе одлучуваат за натамошниот тек на постапката.

 

Училишниот систем во Сараево веќе две недели се соочува со секојдневните закани со бомби, па наставата мора да се прекинува секој ден во некои од училиштата, а противдиверзантските полициски екипи потоа поминуваат часови во увид во училишните објекти, пренесуваат локалните медиуми.

 

Досега во ниту еден случај не се пронајдени експлозивни направи, но училиштата се обврзани да ги почитуваат пропишаните протоколи кои ги обврзуваат да ги евакуираат училишните простории по добиените закани. Претходно беше потврдено дека сите досегашни закани пристигнале по електронска пошта.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.