Претседателот на Чешка: Решеноста на Трамп може да го доближи крајот на војната во Украина
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 20 Ноември 2024
Претседателот на Чешката Република, Петр Павел, се надева дека одлучноста и неодоливиот стил на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп може да помогнат да се принуди претседателот на Русија, Владимир Путин, да направи отстапки и да отвори простор за дипломатија во војната во Украина, иако патот до мирот ќе биде долг и тоа е невозможно да се постигне за 24 часа.
„Доколку директниот контакт на Доналд Трамп со Владимир Путин доведе до тоа Русија да биде поподготвена да направи отстапки и да ѝ даде простор на дипломатијата, тогаш тоа би претставувало голем чекор напред“, рече Павел во интервју за чешкиот таблоид „Блеск“.
Тој оцени дека би било вредно барем да се запре војната, дури и по цена на неправеден мир, на пример, според сценариото на тимот на Трамп за демилитаризирана зона по должината на сегашната линија на фронтот.
„Преку праведен мир, значи не на оној што ќе го награди агресорот, можеби не на денот кога примирјето ќе стапи во сила, туку да создаде можност во иднина да се врати меѓународното право, односно територијалниот интегритет и суверенитет на Украина на целата нејзина територија“, рече тој.
Чешкиот претседател рече дека предуслов е двете завојувани страни првин да почнат да преговараат, а потоа воопшто да прифатат решение.
„Мислам дека првин е потребна волјата на завојуваните страни за почеток на преговорите, па дури потоа може да се зборува како да се постигне мир бидејќи патот до мирот секако ќе биде долг и не може да се заврши за 24 часа“, рече Павел.
Во интервјуто што денеска го објави „Блеск“ претседателот на Чешка потсети дека додека украинскиот претседател Зеленски зборува за подготвеност за преговори, Русија го извршува најголемиот воздушен напад досега кога цели првенствено на инфраструктура, односно цивилни цели.
„Намерата е да се парализира Украина како земја што успева да ги обезбеди потребите за живот на своето население и на тој начин да ја принуди да се согласи на мир под какви било услови“, рече Павел.
Чешкиот претседател исто така изрази страв од првите потези и назначувањето клучни луѓе во идната американска администрација и предупреди дека тоа води до пресврт и нестабилност, што не е добро за безбедноста во светот, а исто така се покажало дека бизнис-стилот во политиката, напорот да се води државата како компанија, едноставно, не функционира.
„Секоја промена што не носи еволуција, туку револуција, предизвикува страв. Некои изјави на Трамп, на пример, во однос на одбраната, дека речиси сите генерали ќе бидат сменети бидејќи не одговараат на идеите на новата администрација, имаат карактеристики на револуција“, рече чешкиот претседател.
Павел предупреди дека светот во оваа геополитичка ситуација не може да си дозволи такви земјотреси, кои предизвикуваат нестабилност.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс