Исчезнат планинар е пронајден во Австралија по 13 дена потрага
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 08 Јануари 2025
Хади Назари, 23-годишен студент по медицина, беше пронајден жив откога исчезна пред 13 дена, на 26 декември минатата година, додека планинарел во австралискиот национален парк „Кошчиушко“.
Се разделил од своите пријатели за да го фотографира пејзажот, но се изгубил во регионот на Снежните Планини.
Потрагата, во која учествуваа стотици волонтери, меѓу кои и пријателите и семејството на исчезнатиот студент, траеше речиси две недели. Го спасиле група планинари, кои го пронашле денеска во близина на Синото Езеро, на 10-ина километри од кампот, каде што требало да се сретне со своите пријатели.
Според началникот Ендрју Сплит, Назари бил дехидриран, но бил свесен и не бил сериозно повреден. Брзата помош веднаш со хеликоптер го пренела во болница на дополнителен преглед.
Назари преживеал на две житни плочки пронајдени во планинска колиба, бобинки и вода од поток. Сплит ги пофали неговата снаодливост и упорност и истакна дека поминал значително растојание во тешки услови.
Неговото семејство, видно трогнато, рече дека ова е најсреќниот ден во нивниот живот. Спасувачката операција заврши успешно и покрај предизвикувачките временски услови. Полицијата ќе разговара со Назарио кога тој ќе заврши со закрепнувањето во болница за да ги разјасни сите околности на неговото исчезнување.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс