
Руски амбасадор: Стотици руски војници се опоравуваат во Северна Кореја
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 11 Февруари 2025

Стотици руски војници се опоравија од повредите здобиени за време на борбите во Украина во објекти во Северна Кореја, изјави вчера рускиот амбасадор во Пјонгјанг Александар Мацегора за рускиот државен весник „Росискаја газета“.
Според Новаја Газета, додека Севернокорејците „отсекогаш гледале на Русите многу позитивно“, Мацегора рече дека тој став станал уште поизразен во последните години. „Каде и да одиме, нè пречекуваат со насмевка. Луѓето се обидуваат да зборуваат со нас на руски и да понудат помош“, тврди тој.
Според Мацегора, кога детскиот камп Сонгдоун во близина на градот Вонсан ги поканил децата на руските војници убиени во војната во Украина да им бидат гости, тие одбиле да прифатат каква било компензација за нивното гостопримство. „Кога се понудивме барем делумно да ги покриеме трошоците, нашите пријатели го сфатија тоа како голема навреда“, додаде Мацегора.
Истакнувајќи ги сè поблиските врски меѓу двете земји во областите како што се академската соработка, земјоделството и медицината, Мацегора рече дека двете влади сега размислуваат какви дополнителни производи Северна Кореја може да и достави на Русија.
Иако Договорот за сеопфатно партнерство и соработка меѓу Русија и Северна Кореја, потпишан во Пјонгјанг минатата година од Владимир Путин и Ким Џонг-ун, претходно не беше познат по тоа дека вклучува рехабилитација на руски војници, Волстрит Журнал тогаш објави дека договорот содржел тајна клаузула според која Северна Кореја ќе испрати свои војници да ја поддржат руската војска во Украина, во замена за приликата „од блиску да научат да војуваат“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
