Трамп: „Зеленски нема да има друга опција, освен да се предаде“

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на својата социјална мрежа Truth Social сподели објава во која тврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „нема да има друг избор, освен да ги прифати“ условите на Вашингтон поврзани со договорот за минерали бидејќи според него Киев не може да издржи војна со Русија, без американска поддршка.

 

Објавата што Трамп ја пренесе првично е напишана од конзервативниот коментатор Мајкл Мекун, а доаѓа само неколку дена по жестоката конфронтација меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа на 28 февруари, која заврши со планираното потпишување договор за соработка за експлоатација на природните ресурси меѓу САД и Украина.

 

„Трамп играше како шаховски мајстор. На крајот, Зеленски нема да има друг избор, освен да се предаде бидејќи, без американска помош, Украина не може да победи во долготрајната војна против Русија“, се вели во објавата што ја сподели Трамп, пренесуваат медиумите во регионот. Во коментарот се тврди и дека Трамп всушност „ја штити Украина, без да ги вовлекува САД во војна“, а самиот договор за минерали е опишан како генијален потег.

 

Конфликтот во Белата куќа се случи кога Зеленски побара безбедносни гаранции за Украина и потсети дека Русија постојано го прекршувала договорениот прекин на огнот, на што Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс го обвинија дека не е доволно благодарен и дека нема реална позиција.

 

По средбата, Трамп изјави дека Зеленски не е човек што сака мир. „Тој бара нешто што јас не го барам“, им рече Трамп на новинарите и повтори дека Зеленски само сака борба.

 

Зборувајќи за „Фокс њуз“, Зеленски ги отфрли обвинувањата на Трамп велејќи дека Украина е „подготвена за мир, но мораме да бидеме во добра позиција“. „Сакаме мир, затоа дојдов да го видам претседателот Трамп“, рече Зеленски.

 

Трамп во најавата наведе дека американските деловни интереси во Украина би можеле да бидат доволна безбедносна гаранција бидејќи секој напад од Русија што ги загрозува американските граѓани ќе предизвика сериозни меѓународни последици. „Нападот врз Украина би значел загрозување на животите на Американците – и тоа е нешто што ќе ги принуди САД да реагираат“, тврди Трамп.

 

По конфронтацијата во Белата куќа, голем број американски функционери и републикански политичари излегоа во одбрана на Трамп, а продолжија да го критикуваат Зеленски. Некои од нив повторно ја споменаа можноста Зеленски да поднесе оставка.

 

Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, во интервју за „Ен-би-си њуз“ изјави дека „Зеленски треба да се вразуми и да се врати на масата со поголема благодарност или некој друг ќе мора да управува со земјата“.

 

Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц, истиот ден изјави дека „на Украина ѝ треба лидер што може да соработува, да се договори со Русите и да стави крај на оваа војна“.

 

Еден ден претходно, во интервју за екстремно десничарскиот портал Breitbart News, Валц го спореди Зеленски со „поранешна девојка, која се кара за секој збор што го кажувате“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.