Грчките работници на генерален штрајк поради високите животни трошоци и ниските плати

Водечките грчки синдикати од приватниот и јавниот сектор денеска повикаа на еднодневен генерален штрајк барајќи повисоки плати поради зголемените трошоци за живот, а општиот прекин на работата веќе од утрото почна да го парализира животот во Грција.

 

Штрајкот го свикаа синдикатите што ги претставуваат вработените во приватниот и во јавниот сектор – Генералната конфедерација на грчките работници – ГСЕЕ и Синдикатот на вработените во јавните служби – АДЕДИ.

 

Главна причина се вртоглавите зголемени трошоци за живот, а истовремено и стравот дека новите царини што ги воведоа САД уште повеќе ќе ја отежнат положбата на вработените.

 

„Зголемувањето на трошоците за живот ги нагризува платите на вработените, а владата не покажува дека се грижи за тоа“, велат од Синдикатот на ГСЕЕ. Според овој синдикат, голем дел од населението троши повеќе од 40 отсто од приходите за кирија и греење, пренесе агенцијата АП.

 

Повикот за еднодневен прекин на работата се однесува на речиси сите активности, вклучително и јавниот превоз, воздушниот и поморскиот сообраќај, образованието и градската администрација, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

 

Кон штрајкот се приклучија и контролорите на летање, кои иако беше предложено тие да бидат забранети, судот во вторникот попладне пресуди дека и тие имаат право на штрајк.

 

Од утрото на 9 април траектите останаа врзани во пристаништата, но и бродовите, бидејќи во прекинот на работата учествува и Панхеленската морнарска федерација (ПНО).

 

Островите се отсечени од континенталниот дел на земјата, а странските туристи се заробени на аеродромите или дури не успеале да стигнат ни до своите дестинации во Грција.

 

Метрото и надземната градска железница во Атина ќе сообраќаат ограничено во текот на денот, а според изменет распоред, главно линиите до меѓународниот аеродром во Атина, а некои станици ќе останат затворени. Очекувано слично ќе функционира градскиот јавен превоз во цела Грција.

 

Целосно ќе биде прекинат железничкиот сообраќај во земјата, вклучително и приградските линии.

 

Во земјата се одржуваат демонстрации, а синдикатите повикаа на централни протести во Атина. На протест повика и грчката Панхеленска федерација на вработените во угостителството и туризмот.

 

Синдикатите бараат корекции на колективните договори во сите сектори, зголемување на платите, повторно воведување на 13. и на 14. плата и политички мерки, кои ќе го намалат инфлацискиот притисок врз населението





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.