
Италија ѝ донира воен брод на Албанија
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 09 Април 2025

Италија ѝ донира воен брод на Албанија за да им помогне на Албанците да ја зајакнат својата војска, да ги зголемат патролите на крајбрежјето и да го интензивираат учеството во мисиите на НАТО.
Libra P 402, патролен брод од класата Cassiope, изграден од Италија кон крајот на 80-тите, се закотви во западното пристаниште Драч и официјално ѝ беше предаден на Албанија за време на церемонијата, на која присуствуваа премиерот Еди Рама и министрите за одбрана на двете земји. На едната страна од бродот беше насликано големо албанско знаме, а бројот на бродот беше променет во P 133.
„Ова е конкретна демонстрација на пријателството меѓу Италија и Албанија и нашата желба да работиме и да соработуваме на воено и економско поле“, рече италијанскиот министер за одбрана, Гидо Крозето, повикувајќи ги членките на НАТО на поблиска соработка.
Рама го опиша подарокот како „многу дарежлив и знак на длабоко пријателство и почит“.
Бродот долг 80 метри може да достигне брзина до 20 јазли (37 km/h) и има дострел од 3.200 наутички милји (5.900 километри). Главно е одговорен за поморската одбрана и за надзор, а има екипаж од 60 члена, хелиодром и гаража.
„Тие ќе служат не само во безбедносни и мировни мисии во водите на Република Албанија во Јадранското и во Јонското Море, туку и во Средоземното Море за учество во мисиите на НАТО“, најави контраадмиралот Аднан Агастра, шеф на албанската морнарица.
По влегувањето на Албанија во НАТО во 2009 година, Италија е еден од најважните поддржувачи на нејзините тековни напори за модернизација на војската во согласност со барањата на НАТО.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
