ЕУ ја зголемува финансиската помош за палестинските власти

Европската унија ќе ја зголеми финансиската поддршка за палестинската управа со тригодишен пакет вреден околу 1,6 милијарди евра, изјави во интервју за Ројтерс европскиот комесар одговорен за Блискиот Исток.

 

Дубравка Шуица, комесарката на Европската комисија за Медитеранот, рече дека финансиската поддршка ќе оди рака под рака со реформите на палестинската управа, која критичарите ја обвинуваат за корупција и лошо управување.

 

„Сакаме да се реформираат бидејќи без реформи нема да бидат доволно силни и кредибилни за да бидат соговорник, не само за нас, туку и за Израел“, рече Шуица.

 

Изјавата на комесарот дојде пред првиот политички дијалог на високо ниво меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ и високи палестински претставници, вклучително и премиерот Мохамад Мустафа, денеска во Луксембург.

 

ЕУ е најголемиот донатор за Палестинците, а претставниците на ЕУ се надеваат дека и палестинската управа, која управува со Западниот Брег, еден ден ќе ја преземе одговорноста за Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и милитантите на Хамас.

 

Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, сепак, досега ја отфрли идејата за предавање на Газа на палестинската управа и ја избегнуваше пошироката цел на ЕУ за решение со две држави, кое би вклучило формирање на палестинска држава.

 

Шуица рече дека 620 милиони евра ќе одат за финансиска поддршка и реформи, 576 милиони евра за отпорност и закрепнување на Западниот Брег и Газа, а 400 милиони евра ќе дојдат во форма на заеми од Европската инвестициска банка, под услов да биде одобрено од нејзиното раководно тело. Таа рече дека просечната поддршка од ЕУ за палестинската управа изнесува околу 400 милиони евра во изминатите 12 години.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.