Трамп потпиша закон против порнографијата за одмазда: „Меланија беше клучна“

Првата дама Меланија Трамп му се придружи на својот сопруг, претседателот Доналд Трамп, додека тој го потпиша законот со кој се криминализира објавувањето на таканаречена порнографија за одмазда и експлицитна „дипфејк“ содржина, објави Би-би-си.

Законот за отстранување (Take It Down Act) го криминализира објавувањето интимни фотографии, вистински или вештачки генерирани, на интернет без согласност на лицето и бара од технолошките компании да ја отстранат таквата содржина во рок од 48 часа.

Иако законот доби силна двопартиска поддршка, некои групи за дигитални права тврдат дека е премногу широк и би можел да доведе до цензура.

Првата дама се залага за овој закон откако нејзиниот сопруг го започна својот втор мандат, тврдејќи дека децата треба да бидат заштитени од злонамерно и навредливо однесување на интернет.

Ова е шестиот закон што Трамп го потпиша во својот втор мандат, при што претседателот во голема мера претпочита да ја спроведува својата агенда преку регулативи. „Секој што свесно дистрибуира експлицитни слики без согласност на друго лице ќе се соочи со казна затвор до три години“, рече Трамп.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, претходно изјави дека Меланија Трамп одиграла клучна улога во донесувањето на законот во Конгресот. Првата дама, која ретко се појавува во јавноста, го опиша новиот закон како национална победа што ќе им помогне на родителите и семејствата да ги заштитат децата од онлајн експлоатација.

„Овој закон е силен чекор напред во нашите напори да обезбедиме секој Американец, особено младите луѓе, да се чувствуваат подобро заштитени од злоупотреба на нивниот лик или идентитет“, додаде таа. Предлог-законот беше усвоен во Долниот дом на Конгресот со 409 гласови „за“ и 2 „против“ кон крајот на април, а Сенатот едногласно го одобри во февруари.

Меланија Трамп го искористи своето прво самостојно појавување во јавноста за да ги повика членовите на Конгресот да го усвојат законот во март.

„Тешко е да се гледаат млади тинејџери, особено девојчиња, како се борат со огромните предизвици што ги претставуваат злонамерните онлајн содржини, како што се ‘дипфејкс’“, рече првата дама за време на дискусијата на тркалезна маса за законот на 3 март.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.