Муцунски на Третиот форум за културна дипломатија во Скопје

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Третиот форум за културна дипломатија, кој се одржа во Скопје, во организација на Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизации“ и Институтот за културна дипломатија од Германија.

 

На свеченото отворање свои обраќања имаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, поранешниот претседател на државата д-р Ѓорге Иванов, Вацлав Клаус – поранешен претседател на Чешката Република,– поранешен претседател на Република Албанија, Реџеп Мејдани,поранешен министер за надворешни работи на Финска, Ерки Туомиоја и поранешен министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Миро Ковач

 

Форумот ги обедини експерти од областа на културната дипломатија, одржливиот развој и меѓународните односи, со цел унапредување на глобалната соработка и афирмирање на културата како клучен елемент во градењето мостови меѓу народите.

 

Во своето обраќање, министерот Муцунски нагласи дека културната дипломатија не е само средство за афирмација на националното културно наследство, туку и моќна алатка за градење мостови на разбирање и пријателство, особено во време на глобални предизвици.

 

„Историјата нè учи дека културата може да биде и бојно поле и терен за дијалог – нашата заедничка одговорност е да ја избереме втората опција. Од тие причини, денес сè почесто не зборуваме за судир на цивилизации, туку за предизвици во рамките на нашите општества – во начинот на кој ја разбираме и прифаќаме различноста. Во време кога некои гледаат на културата како средство за геополитички цели, ние ја афирмираме како простор на соживот и заемно почитување. Европската идеја, чиј дел сме, е токму тоа – заедничка иднина изградена врз културна различност, отвореност и солидарност“, истакна министерот Муцунски.

 

Во своето обраќање поранешниот претседател Иванов истакна дека третиот форум за културна дипломатија се одржува во време кога светот се соочува со војни, кога светот се распарчува со нови линии на поделби, кога децата умираат под рушевините на „стратешките цели“, кога климата и совеста се подеднакво загрозени.

 

„Форумот го одржуваме кога секојдневно се соочуваме со безбедносни, еколошки, здравствени кризи, социјални неправди и морални дилеми. Затоа должни сме да ги отвораме не само умот, туку и совеста. Денес не треба само како политичари, дипломати, научници или уметници — туку како луѓе кои веруваат дека иднината мора да биде изградена врз основа на човечкото достоинство.“, истакна тој во обраќањето на форумот.

 

Во рамки на форумот, министерот Муцунски оствари и средба со поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов. На средбата беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизации“, застапуван од д-р Иванов.

 

Целта на меморандумот е унапредување и збогатување на соработката во доменот на јавната дипломатија, развојот на културната дипломатија и афирмацијата на македонската култура и идентитет во странство, како и во други области од заемен интерес.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.