Најмалку 12 загинати во воздушнитe напади на Газа, срушена е и џамија

Палестинските власти потврдија дека најмалку 12 лица загинaле денеска во еден од неколкуте воздушни напади на северот на Појасот Газа, вклучително и една жена со три деца и дека израелските авиони уништиле џамија.

Израел потврди дека неговите авиони утрово продолжиле со воздушните напади врз воени цели на Хамас во Газа, а членовите на Хамас реагирале со истрели на ракети кон Израел. Бројот на жртви во конфликтот расте секој ден, но и притисокот на меѓународната заедница истиот да прекине, пренесува „Ројтерс“.

Сирени денеска се огласиле во неколку градови на југот на Израел, предупредувајќи на ракетен напад од Газа, а неколку згради биле погодени во Бершеба и Ашдод, но нема извештаи за жртви. Хамас ја презеде одговорноста за лансирањето на овие ракети.

Засега нема индиции дека конфликтот може да се смири и бројот на жртви се зголемува секој ден. Палестинците денеска пријавија 11 смртни случаи на окупираниот Западен брег во судирите меѓу демонстрантите и израелските безбедносни сили, а најмалку 132 лица се убиени во Газа од понеделникот, меѓу кои 32 деца и 21 жена, а 950 се повредени, соопштија палестински медицински лица.

Меѓу осумте загинати, колку што досега потврдија во Израел, освен војниците кои загинаа на границата со Газа, има и шест цивили, меѓу кои и две деца, објавија израелските власти.

Прекуграничните непријателства меѓу Израел и палестинските сили во Газа се придружени со насилство во мешаните заедници на Евреи и Арапи во Израел. Неколку синагоги беа нападнати, а на некои места избија и улични борби, што го натера израелскиот претседател Рувен Ривлин да предупреди на опасност од граѓанска војна.

Пред седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, што е закажана за в недела, американскиот помошник државен секретар за Израел и Палестина, Хади Амр, во петокот пристигна во Тел Авив на разговори со спротивставените страни.

Американската амбасада во Израел објави дека целта на овие разговори е интензивирање на работата за постигнување одржливо смирување на ситуацијата.

Судирите меѓу Израел и Палестинците влегоа во шестиот ден. Истите беа активирани по немирите во џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим, каде што во изминатите неколку дена беа повредени стотици луѓе.

Судирите меѓу Палестинците и израелските полицајци избувнаа откако израелскиот суд донесе одлука за иселување неколку палестински семејства од градската населба Шеик Џара и предавање на имотот на еврејски доселеници, велејќи дека тие го поседувале пред 1948 година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.