
Ристески не очекува поскапувања од четврток: Се надевам дека трговците ја научија лекцијата
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 29 Април 2025

Ако цените нагло почнат да скокаат од четврток, кога истекува сегашната мерка за ограничени маржи до 10 %, мерката може да продолжи, најави денес заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој смета дека со сите досегашни мерки трговците ја научиле лекцијата и нема вештачки да ги креваат инфлацијата и цените.
Првин ќе видиме какви конечни резултати даде мерката. Од она што го имавме досега од Државниот завод за статистика, резултатите беа добри, ги знаете податоците, но крајните резултати ги чекаме наредната недела.
„Ако има потреба, би продолжиле со мерката, ако нема, тогаш останува пазарната економија да ги регулира цените. Се надевам дека поучени од минатото сите оние учесници во синџирот на трговијата ја научија лекцијата дека, пред сè, треба да бидат граѓаните и заштитата на животниот стандард. Ние сите заедно треба да направиме сè за да го заштитиме стандардот на граѓаните, односно да не правиме вештачко подигнување на инфлацијата и на цените кога нема економски услови за тоа, односно да ги почитуваме законите на економијата“, рече заменик-министерот Ристески.
Според досегашните податоци од Државниот завод за статистика, досегашната мерка, според Ристески, дала добри резултати, но за одлука дали таа ќе продолжи, ќе ги почекаат конечните резултати. Тие ќе бидат готови следната недела.
Во февруари годинава, Владата, за да го заузда покачувањето на цените, донесе одлука за ограничување на профитните бруто- маржи на над 1.000 прехранбени производи и средства за хигиена со важност до крајот на април.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
