
Свечено отворена концертната сала Ванчо Чавдарски во Владимирово
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 28 Април 2025

Вчера во Владимирово се славеше културата и почитта кон корените, но и оставината за идните генерации.
Старата сала на Задружниот дом во срцето на Владимирово, во само 70 дена, беше возобновена со здружени сили на селаните и сите што потекнуваат од Владимирово. Во чест диригентот со светска слава којшто Македонија ја славеше низ светот, а потекнува од Владимирово – маестро Чавдарски (1930 Владимирово – 2011 Бризбејн, Австралија) салата го доби името Ванчо Чавдарски.
За нејзиното свечено отворање беше организиран концерт на камерниот оркестар Скопски солисти, под водство на виртуозот на обоа проф. Васил Атанасов, со специјален гостин баритонот Борис Трајанов, што за првпат се случува во Малешевијата. Пред бројната публиката беа изведени дела од европски и македонски композитори, под диригентската палка на Ангел Спировски.
За делото на Чавдарски говореше проф. Васил Атанасов кој си спомена за долгогодишното пријателствување со Чавдарски, меѓу што и последната средба во Сеул, Кореа, ког маестро Чавдарски пропатувал 1000 километри од Австралија до Сеул само за да присуствува на неговиот концерт. Атанасов говореше и за богатиот животопис на Чавдарски и неговите заслуги за воздигнување на македонската култура и музичката уметност, а за неговото значење за историјата и иднината на Владомирово и неговото возобновување зборуваа и Горан Алачки во име на истоимениот центар за култура кој се јави како организатор на концертот, и Камелија Левенска во име на Фондација д-р Михаил Левенска.
На настанот присуствуваа и видни личности, коишто понесоа длабок впечаток за приказната – за генезата на настанот, за почитта, гордоста и љубовта, коишто заедно со емоциите од доживеано и виденото доведоа до овации и долги аплаузи… Се вели дека аплаузите по концертите на Чавдарски во концертните сали ширум светот траеле и до 10 минути.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
