
Герасимовски: Угостителите да ги почитуваат прописите за урбана опрема, гласна музика и одлагање на сметот, во спротивно следуваат санкции
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 13 Март 2025

Општина Центар денеска спроведе вонреден инспекциски надзор на угостителските објекти на Кеј „13 Ноември“, при што беа изречени казни за сите правни субјекти кои ги узурпираа јавните површини со поставување урбана опрема без соодветно одобрение.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави дека ваквите инспекциски надзори ќе се интензивираат во наредниот период и дека нема да се толерира незаконско и бесправно поставување урбана опрема.
На денешната средба со угостителите од општината се дискутираше токму за овој проблем, но и за хигиената и гласната музика.
„Проблемите со одлагањето на сметот, гласната музика во доцните часови и непочитувањето на правилата за урбаната опрема беа главните теми на средбата. Со доаѓањето на потоплите денови, се зголемува движењето на граѓаните и посетителите во угостителските објекти, па затоа е важно навремено да укажеме дека законите мора да се почитуваат“, истакна Герасимовски.
Посебен акцент беше ставен на управувањето со отпадот, при што градоначалникот посочи дека голем дел од отпадот потекнува од угостителските објекти. Во таа насока, согласно Законот за животна средина, угостителите добија рок до 1 април за склучување договори со овластени постапувачи за третирање на таков вид отпад.
„Теренските контроли ќе продолжат, но мора да делуваме и превентивно. Не започнуваме веднаш со казнени мерки, но по 1 април, секое непочитување на законот ќе биде соодветно санкционирано“, порача Герасимовски.
Општина Центар останува посветена на унапредување на хигиената, редот и квалитетот на живот во урбаното јадро, преку соработка со угостителите и доследна примена на законските регулативи
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
