
Драмскиот театар не ја додели наградата „Горан Стефановски“
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 28 Април 2025

Драмскиот театар Скопје не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години.
По воспосватувањето на наградата „Горан Стефановски“, годинава првпат беше распишан конкурсот за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст.
На конкурсот пристигнаа четири апликации и комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), по анализата на доставените дела, едногласно одлучи наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години да не се додели.
Во образложението што го прочита претседателката на комисијата, Викторија Рангелова-Петровска, се вели: „На конкурсот за наградата ‘Горан Стефановски’ за најдобар драмски текст од млад автор распишан на 5 февруари 2025 година доставени се четири драмски текста од четири автори. Комисијата аналитично и детаљно ги разгледа драмските дела, кои се доставени во рок и ги исполнуваат условите во согласност со објавениот конкурс. Авторите на доставените драмски текстови обработуваат разни теми, инспирирани од разни општествени состојби. По формата и структурата драмските текстови во најголем дел се обидуваат да ги следат класичната драмска структура и затворената форма, но не успеваат до крај да изградат цврста драмска целовитост. Драмските ликови/карактери не се јасно дефинирани и развиени во однос на ситуациите во кои се поставени. Дијалогот во драмските дела (во некои помалку, во некои повеќе) не е во целосна функција на отсликување на карактерите и не придонесува за развојот на драмското дејство. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали се развиени до ниво на драмски скици/зачетоци на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Одлуката да не се додели наградата не треба да се толкува како дестимулативен потег, напротив. Комисијата верува во потенцијалот и во квалитетот на младите автори, како и во нивната способност да испишат квалитетни драмски текстови и со нетрпение ги очекува во периодот што следува и во таа насока предлага да се објави нов конкурс со датум од 28.4.2025 година, на кој авторите ќе треба да ги достават драмските текстови најдоцна до 1. 2.2026 година. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 27.4.2026 година, денот на раѓањето на Горан Стефановски“.
Директорот на Театарот, Роберт Вељановски, истакна дека и покрај недоделувањето на наградата во оваа прва година од востановувањето, целосно стои зад одлуката на комисијата и изрази верба дека преку распишувањето на конкурсот и во годините пред нас ќе се популаризира наградата „Горан Стефановски“ и ќе се привлечат многу млади автори да се пријавуваат со цел да се афирмира современата македонска драма, да се поттикне македонското драмско творештво и да се одржи континуитетот на македонското драмско писмо.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
