
Долги редици од верници пред гробот на папата: цели семејства трпеливо чекаат да му оддадат почит
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 28 Април 2025

Илјадници посетители му оддаваат почит на папата Франциско уште од раните утрински часови на неговиот гроб во базиликата „Света Марија Велика“ во Рим.
Пред влезот во базиликата може да се видат долги редици, а голем број верници, вклучувајќи цели семејства, трпеливо чекаат ред да го посетат гробот и да му оддадат почит на починатиот поглавар на Католичката црква.
Папата Франциско, кој почина на 21 април на 89-годишна возраст, беше погребан во Рим во саботата. Тој беше погребан според неговите желби во базиликата од петтиот век, која се наоѓа во центарот на Рим.
Иако е вообичаено папата да биде погребан во Ватикан, папата Франциско е првиот од 1903 година што е погребан надвор од Ватикан.
Папата Франциско ја посети црквата „Света Марија Велика“ повеќе од 100 пати за време на својот понтификат.
Папата Франциско, роден како Хорхе Марио Бергољо на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, беше син на италијански имигранти. Студирал во Аргентина и во Германија.
Тој дојде на чело на Католичката црква во 2013 година станувајќи првиот папа од Латинска Америка. За време на неговиот повеќе од десетгодишен понтификат, тој остана фигура на восхит и на предизвик – се залагаше за реформа на ватиканската бирократија, борба против корупцијата и социјална правда, но во исто време наиде на отпор од конзервативните кругови во Црквата, анализираат медиумите.
Последните месеци од својот живот беа обележани со борба со бронхитис и билатерална пневмонија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
