
Френсис Форд Копола добитник на наградата за животно дело на АФИ
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 28 Април 2025

Режисерот Френсис Форд Копола ја доби наградата за животно дело од Американскиот филмски институт (AFI), која му беше врачена на церемонија во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, во присуство на голем број филмски легенди, објавија денес американските медиуми.
Копола ја доби наградата за создавање на значајни дела во текот на неговата кариера, вклучувајќи ја трилогијата „Кум“ и „Апокалипса сега“, објави АП.
„Кога бев дете, постоеше само наградата Оскар, и тоа беше тоа. Сега, меѓутоа, ова е малку поинакво, бидејќи е лично признание за луѓе што ги познавам целиот свој живот и за моите долгогодишни колеги, па на некој начин се чини како да сум се вратил дома“, рече 86-годишниот режисер пред церемонијата на доделување на наградите.
Меѓу присутните беше и Стивен Спилберг, кој рече дека Копола ги редефинирал принципите на американското кино и дека му нема рамен како таков.
На церемонијата на доделување на наградите, Копола седеше помеѓу Спилберг и Џорџ Лукас, а меѓу публиката беа режисерот Спајк Ли, актерите Дастин Хофман, Ал Пачино, Морган Фримен, Енди Гарсија и многу други, пренесува Танјуг.
Наградата му ја врачи неговиот долгогодишен пријател и колега, Лукас, со кого Копола заеднички ја основа продуцентската куќа „Американ зоетроп“ во 1969 година. На гостите им беше послужено вино од винаријата на Копола, а по вечерата италијански специјалитети каноли за десерт, во духот на потеклото на лауреатот.
Шесткратниот добитник на Оскар е 50-тиот добитник на наградата AFI, што претставува највисоко признание за филмска кариера во Америка. Копола освои шест Оскари, вклучувајќи ја и наградата за најдобар режисер во 1975 година за „Кум 2“, кој исто така освои награди за најдобар филм и најдобро сценарио. Неодамна го сними научно-фантастичниот филм „Мегалополис“, кој беше прикажан на 77-от Кански филмски фестивал во Франција, а во екипата се Адам Драјвер, Обри Плаза, Шаја Лабаф и Лоренс Фишбурн.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
