
Денови на Крали Марко во Прилеп
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 15 Мај 2025

Меѓу настаните кои претставуваат традиционални културни обележја на град Прилеп се и „Денови на Крали Марко“, кои се одржуваат кон средината на месец мај, со што се одбележува годишнината од загинувањето на легендарниот крал и се промовира Прилеп како град каде што живеел најпознатиот јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците, туку и пошироко на Балканот.
Манифестацијата ќе се одбележи со концертниот проект „Гласови под Кулите“ кој го спојува древното и современото, македонското и медитеранското, балканското и западноевропското. Концертот е во организација на Општина Прилеп во соработка со НУЦК Марко Цепенков – Прилеп.
Програмата ќе биде полна со изведби на традиционални македонски песни, чалгиски интерпретации, но и нови инспирации од европскиот и балканскиот музички фолклор.
Од „Гласот ми се чуе горе в планината“ и „Крали Марко и Митре Тирочанче“, „Зајде сонце, зајде“, до „Douce Dame Jolie“ „Pourquoi, doux rossignol” и „Узви се лоза алова“ – концертот ќе ги обедини сите тие елементи во еден уникатен музички концепт.
„Болката, разочарувањето и жртвите на јунаците кои се борат со својата судбина, песните за борба и храброст, преку контрадикторните моменти на одлуки и жртви што ги носат, ќе бидат само дел од патувањето низ нашите музички корени. Емоција која допира до најдлабоките основи на нашето постоење и сеќавање, додека ги поврзува епохите и просторот, можеби поврзувајќи ги нашите исконски звуци со трупите на некои патувачки музичари и минатото со сегашноста и иднината.
Ана Митоска (вокал, сантур), Петар Христов (цариградска лира, вокал, ут, лаута, дудук, сопран саксафон, блокфлејта…), Зоран Беговски (кавал, деф, вокал), и Симон Облешевски (клавијатури), ќе оживеат легенди и звуци што се носат од далеку – и остануваат длабоко во нас“, се вели во најавата за настанот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
