Агенцијата за филм на 78. издание на Канскиот филмски фестивал

 

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година активно ќе учествува на 78. издание на престижниот Кански филмски фестивал, во рамките на Филмскиот маркет (Marché du Film), кој претставува една од најзначајните светски платформи за промоција и развој на филмската индустрија.

 

Почнувајќи од 2010 година, Агенцијата континуирано има свој промотивен штанд во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE Pavilion), заедно со уште седум земји од регионот: Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Кипар, Србија, Словенија и Хрватска. Преку овој штанд, се реализираат бројни активности со цел промоција на македонската кинематографија, нејзините автори и потенцијалите за меѓународна соработка.

 

Македонската кинематографија оваа година ќе биде претставена и преку неколку филмови и копродукции: „Лојнс“ во режија на Доријан Нур Жесперс, малцинска копродукција што е дел од престижната програма Directors’ Fortnight; „Додакамерон“ на Минос Папас, вклучен во програмата Frontieres за проекти во пост-продукција; „Утре наутро“ на Јани Бојаџи, кој ќе има проекција во рамките на филмскиот маркет со поддршка од Агенцијата; како и краткометражниот филм „Лима“ на Батухан Ибраим, вклучен во Short Film Corner.

 

Претставниците на Агенцијата ќе земат активно учество и на неколку значајни меѓународни настани: Генералните собранија на EFAD (Европска асоцијација на филмски агенции) и European Film Promotion, панелот „Ajde!“ посветен на копродукции во Југоисточна Европа, како и Конференцијата на Европската аудиовизуелна опсерваторија.

 

Делегацијата на Агенцијата за филм оваа година ја сочинуваат: Вероника Бучковска, в.д. Директор, Анита Стојческа Алексовска, виш соработник за филмска дејност, како и Мартина Петреска и Леона Јариќ, студентки на Факултетот за драмски уметности.

 

Учеството на студентките е резултат на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за филм и Факултетот за драмски уметности, со кој се овозможува млади и талентирани филмски професионалци во развој директно да присуствуваат на еден од најзначајните светски филмски настани. Преку оваа иницијатива, студентите добиваат уникатна можност да се запознаат со светските текови во филмската индустрија, да стекнат вредни искуства и контакти, како и да го прошират своето професионално видик.

 

Дополнително, ќе се реализираат бројни билатерални средби со партнери од светот со цел презентација на можностите кои Република Северна Македонија ги нуди за копродукции, снимање и интернационална дистрибуција на македонски филмови.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.