ВРЕДИ: Пратениците нa Европскиот фронт ги дистанцираат Албанците од западните стратешки партнери
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 15 Јануари 2025
„ДУИ го губи компасот, во забуна не знае што прави, кого напаѓа, а кого го брани. Мијалков им стана помил од меѓународната заедница. ВЛЕН со загриженост ги следи неодамнешните изјави на пратеникот Зејд Реџепи од Европскиот фронт (ЕФ), коалиција на ДУИ, со кои повторно се прави обид да се наруши довербата на Албанците кон нашите стратешки партнери од Западот. Со ваквите ставови, раководството на ДУИ и Европскиот фронт покажува дека не знае што прави, дека е во целосна конфузија и дека ги става своите лични и партиски интереси пред стратешките интереси на Албанците и на државата“ велат денеска од коалицијата ВРЕДИ.
Ја повикаа јавноста и членството на ДУИ „да размислат дали нивните лидери, кои очигледно продолжуваат да ги конфронтираат Албанците со нашите западни партнери, заслужуваат уште да ја водат партијата и да учествуваат во креирањето на иднината на граѓаните. Време е за јасна дистанца од корумпирани политики и антизападна реторика. Албанците и сите граѓани на Северна Македонија заслужуваат искрени лидери, одговорни политики и силно партнерство со ЕУ, НАТО и целата меѓународна заедница“.
„ДУИ и ЕФ ги дистанцираат Албанците од западните сојузници. Настапите со кои се изразува сомнеж во меѓународната заедница укажуваат дека ДУИ и Европскиот фронт намерно настојуваат да ги оддалечат Албанците од Западот. Ваквата реторика е крајно штетна и оди спротивно на децениските определби на граѓаните на Северна Македонија, вклучително и мнозинството Албанци, за зачленување и блиско партнерство со ЕУ и НАТО. Обвинувањето на меѓународната заедница за сопствените криминални афери е неосновано. Неразбирливо е како ДУИ и ЕФ упорно го вперуваат прстот кон амбасадорите и странските институции, наместо да се соочат со сомнежите и фактите за своите корупциски скандали“ велат од ВРЕДИ.
Сметаат дека „Ваквиот обид за префрлање на вината е само уште еден доказ дека раководството на ДУИ е во длабока забуна и дека нема капацитет да ги решава вистинските проблеми. Личната одговорност на Артан Груби сакаат да ја релативизираат. Обидите да се прикаже дека Артан Груби не е виновен за сопствените постапки, туку дека „криви“ се амбасадорите, е врв на манипулација“.
„Ова е класичен пример на избегнување на одговорност, со што се потценува и јавноста и членството на ДУИ. Тврдењето дека „Артан настрадал затоа што ги слушал“ е врв на самобендисаноста на ДУИ и ЕФ. Оваа теза на ДУИ и ЕФ, според која одговорноста им припаѓа на другите (амбасадори, меѓународни претставници итн.), наместо на самите функционери, е уште еден очаен обид за алиби. ДУИ и ЕФ продолжуваат да даваат нелогични и контрадикторни изјави за да ги залажат сопствените членови и целата јавност“ посочуваат од ВРЕДИ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс