Денеска во 16.30 часот тргнува првиот воз од Скопје за Куманово, ќе се патува 41 минута

Скопје и Куманово, по две и пол години прекин, повторно ќе бидат железнички поврзани. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски извести дека од денес почнува да функционира редовна железничка линија.

„Денеска, тргнува првиот воз од Скопје за Куманово. Тоа го ветивме на отворањето на железничката пруга Куманово – Бељаковце и еве од денеска е вистина. Во 16.30 часот ќе тргне првиот воз од Скопје за Куманово. Патувањето ќе трае 41 минута. Ќе оперира двапати дневно. Наутро во 6.30 ќе тргнува од Куманово за да може сите оние на кои им е потребно да дојдат тука во главниот град, дали е за работа, дали за други потреби што ги имаат, и истиот воз во 16.30 ќе се враќа назад кон Куманово и, секако, во обратна насока кон Скопје. Значи, ќе имаме четири воза дневно што ќе оперираат за 41 минута, што, ќе се согласите сите, е навистина брзо. Од центарот на Скопје до центарот на Куманово ќе се патува за 41 минута, што многу ќе ја олесни комуникацијата меѓу овие два града“, рече министерот Николоски.

Возот од Куманово ќе продолжи и до Бељаковце оти само до таму во овој момент имаме железничка линија. Министерот Николовски очекува од октомври в година истиот воз да оди и до Крива Паланка кога ќе биде изградена пругата.

Во овој момент имаме пет активни воза, кои оперираат на македонските железници за патнички сообраќај, пет локомотиви, кои оперираат за товарен сообраќај, и четири локомотиви. Министерот вели дека од нула возови и нула локомотиви минатиот јули сега имаме вкупно 14 на македонските пруги.

Следни железнички линии што повторно ќе бидат воведени се оние до Тетово и Гостивар со амбиција да се врати и целата линија до Кичево, а понатаму и линиите до Штип и Кочани за кои министерот вели дека се градски линии оти сообраќаат на мали дестинации.

Редовната железничката линија меѓу Скопје и Куманово беше прекината во јуни 2022 година кога без најава и објаснување беа повлечени четирите воза што ја одржуваа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.