Невладиниот сектор стравува од влошување на состојбата на маргинализираните групи без помошта од УСАИД

Aнтиродовите движења почнуваат да добиваат институционална поддршка, a невладиниот сектор стравува дека состојбата дополнително ќе се влоши кога станува збор за човековите права на маргинализираните заедници, по одлуката на САД да го прекине финансирањето на УСАИД.

Славчо Димитров од Коалиција „Маргини“ рече дека во земјата и регионот забележан е пораст на антиродови движења кои се организирани и шират хистерија на социјалните мрежи. Од „Маргини“ предупредуваат на зголемување на говорот на омраза во следниот период, што истакнуваат дека е особено проблематично кај нас, бидејќи за разлика од ЕУ немаме доволно механизми за заштита.

Како илустрација, Димитров рече дека антиродово движење организирано пријавувало уметник за постер чијашто цел била да го илустрира насилството што го трпел како дете. За еден ден биле испратени 200 пријави до МВР со обвинувања за педофилија, по што следел и повик на информативен разговор во полиција. Спротивно на тоа, вели Димитров, нема одговор од властите за пријавите кои се однесуваат на говор на омраза на социјалните мрежи кон маргинилизираните заедници во држвата.

Се наведува дека ситуацијата е особено загрижувачка за организациите и активистите кои се залагаат за родова еднаквост и правата на ЛГБТ заедницата, бидејќи честопати се демонизирани како странски агенти или закана за општествената кохезија.

„Анти-родовите движења користат кампањи на дезинформации за да ја искриват јавната перцепција, тврдејќи дека политиките за родова еднаквост наметнуваат штетни идеологии или ги разградуваат културните вредности. Овие наративи се засилуваат преку социјалните мрежи и традиционалните медиуми, создавајќи непријателска средина за бранителите на човековите права и поттикнувајќи недоверба во граѓанското општество“, велат активистите.

Прекинот на финансирањето на УСАИД ќе се одрази и врз жените – жртви на насилство. Тука спаѓа психосоцијалната и правната поддршка која во минатото беше овозможена преку невладиниот сектор. Во меѓувреме, Хелсиншкиот комитет веќе го затвори шелтер центарот Сигурна куќа, а според анлизите, загрозен е напредокот и во областа на доброто владеење и унапредувањето на демократските вредности.

Од 24 до 26 јануари 2025 година, неколку организации на граѓанското општество добија известување од Владата на Соединетите Американски Држави (САД) да ги запрат сите активности поддржани од САД до понатамошно известување. Владата на САД исто така објави дека повеќе нема да финансира програми поврзани со родова еднаквост и разновидност. Планира значително да го намали финансирањето за меѓународен развој и потенцијално да ја затвори Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).

Анализата за состојбата во регионот покажа дека дваесет и три организации ќе изгубат 11,7 милиони долари за својата работа, што за некои организации за женски прва претставува 90 отство од буџетираните средства.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.