
Петнаесетмина експерти за изгореници од странство се стигнати во земјава, ќе ги лекуваат 84-те пациенти од пожарот кои се во македонските болници
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 17 Март 2025

Некои од лекарите специјалисти за лекување изгореници, кои најавија дека ќе дојдат за да помогнат во лекувањето на повредените од пожарот во Кочани, се веќе во земјава. Министерот за здравство Арбен Таравари денес извести дека повредените кои беа сместени во болниците во Кочани и во Штип се донесени во Скопје. Од вкупно 135 повредени во пожарот, 51 пациент се на лекување во странство, а останатите 84 се сместени во скопските болници, односно во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ има 49 пациенти, во Клиничката болница „Св. Наум Охридски“ има 17 пациенти и во Градската општа болница се сместени 18 повредени.
„Веќе се стигнати доктори од повеќе држави, од Чешка, од Израел треба да стигнат, од Белград се стигнати. Околу 15 колеги веќе се во Македонија. Ќе ги распределиме по клиниките каде што има најмногу потреба за да работат со нашите колеги и да го споделат искуството“, рече денес министерот Таравари.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека се работи за лекари со големо искуство во лекување изгореници.
„Докторите од Белград, Прага и Израел се воени доктори со искуство во изгореници. Кај нас и кога се случувало да имаме изгореници тоа е еден или два тешки случаи на две години, не станува збор за хируршкиот или интензивниот дел кој го владееме добро туку сепак станува збор за настани што не се со таква инциденца во Македонија за да го имаме акумулирано потребното искуство“, рече директорот Клековски.
Министерот Таравари и директорот Клековски утрово апелираа на лекар да се јават дури и оние кои се чувствуваат добро, а вечерата биле во дискотеката во Кочани кога изби пожарот за да се провери дали имаат внатрешни оштетувања на дишните органи.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
