
Клековски: На пациент во Солун му е извршена трансплантација на кожа на рацете, во контакт сме со банка за кожни ткива за да почнат реконструктивни операции
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 19 Март 2025

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски на денешната прес-конференција во Владата рече дека натамошните фази за пациентите со поголем степен на изгореници се висоспецифични и бараат специфично искуство и затоа се решиле да се праќаат пациенти во странство.
„На еден пациент во Солун веќе му е извршена трансплантација на кожа на рацете. Веќе сме во контакт со Фондација од Холандија која има банка на кожни графтови за да донесеме кожни графотви во Македонија за да почнеме да ја размислуваме реконструктивната фаза“, кажа Клековски.
Директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски соопшти дека неколку тимови на странски лекари кои доаѓаат од центри кои се строго специјализирани за пациенти кои имаат најголем процент и највисок степен на изгореници, како доктори од Воено-медицинската академија ВМА Белград, од болницата „Шеба“ во Израел и од Чешка, веќе работат во Болницата „ГОБ“ на санирање на повредите на оние пациенти кои не се критични и кои веќе имаат потреба од дебридман и подготовка за следната фаза, реконструктивна хирургија.
„Тоа се операции што подразбира отстранување на она изумрено ткиво, оштетено ткиво од изгорениците и давање простор тие повреди, тие рани да почнат да зацелуваат. Овие неколку денови не само што се следеше потенцијалното влошување на состојбата, туку мораше паралелно да се санираат и повредите“, рече директорот на „8 Септември“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
