
За да добива лиценци, сопственикот на „Пулс“ со години користел незаконски проект, а подмитил и службеник, според истрагата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 21 Март 2025

Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до смтоносниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, соопштувајќи детали за истрагата која се води против 27 лица, рече дека сопственикот на дискотеката 11 години користел незаконски изработен проект за да добива лиценца.
Коцевски објасни дека трoјца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во фирмата, чијашто подружница е клубот. Обвинителот вели дека објектот со намена за лесна индустрија кој се наоѓал во индустриска зона воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект. Но, и покрај тоа, во континуитет во целиот период осомничените добивале лиценца незаконито и организирале угостителски услуги. Притоа сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законски пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност.
Во тој контекст, постои сомневање дека сопствникот подмитил лице вработено во Министерството за економија за периодот од февруари 2024 до февруари годинава и без да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана лиценца за вршење на угостителска дејност. Поради тоа против вработениот во Министерството е поведена постапка и за примање поткуп.
Осомничена е и сопственичка и управителка на фирмата од Кочани која во текот на 2010 година постапила по барање на сопственикот и му изготвила основен проект како услов за работа на кабарето, иако знаела дека не постоеле законски услови индустрискиот објет да биде пренаменет во дискотека.
„Овој незаконит проект сопственикот во периодот од 2012 до 2023 година во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање линценци за вршење угостителска дејност. Во 2023 година тој се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на лице место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца“, изјави Коцевски.
Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството но на други раководни позиции. Според Обвинителството, сите тие со неизвршување на своите службени должности што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на фирмата којашто не ги исполнувала пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре.
Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, се сомничат дека во пет години не извршиле контрола над работењето на фирмата за да утврдат дали има важечка лиценца.
Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до кобниот ден кога се запали дискотеката, како и осомничениот поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
Коцевски денес за првпат обелодени дека и член на ДНК е осомничен поради пиротехниката, која, според сомнението, ја активирале како дел од сценскиот настап.
Беше кажано дека и дискотеката имала устен договор за концертот со бендот, објектот бил пренатрупан и никој не ги сопрел децата да влегуваат.
Сите осомничени се обезбедени. Кочанското обвинителство со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени со исклучок на три лица кои се хоспитализирани
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
