
Психолози доброволци на терен работат со младите: Беа во шок, потоа имаа лутина, што е нормална емоција, а сега почнува периодот на тага
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 25 Март 2025

Тим од психолози доброволци од минатата недела е меѓу учениците, студентите и жителите на Кочани, Штип, Виница, Чешиново, Облешево и на Пробиштип. Утрово, тим од 30 психолози е на терен во Кочани, друг тим од десетмина е во Штип, а во секое време на располагање на жителите од овој регион име новоформиран центар за психолошко советување на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што секој може да побара индивидуална помош. За да бидат повидливи во средините во кои работат, психолозите носат црни маички, на кои со бели букви пишува психолог.
Емилија Бошковска, психолог од Комората на психолозите, која денес е на терен во Штип, вели дека настојуваат секаде каде што е кризно да имаат кус разговор, особено со лицата што работат со млади. Формирале групи што работат со наставниците, со вработените во градинките, во основните и во средните училишта, а приоритет им е работа со младите преку групен, но за секој што ќе побара и индивидуален пристап.
„Добар е одѕивот на младите, сакаат да разговараат. Една од причините зошто е тоа така е веројатно затоа што дома не се зборува за чувства. Меѓу врсниците се чувствуваат подобро и затоа ги правиме групите во кои би се чувствувале позаштитено, да добијат чувство дека се тука еден за друг“, вели Бошковска.
Зборуваат за чувствата, за тоа како се чувствуваат во овие моменти и им помагаат да создадат одбранбени механизми, стратегија за справување со емоциите за постепено да се вратат на нормалното функционирање.
„Пораката, пред сѐ, е дека е во ред што и да чувствуваат и младите и возрасните во ваква состојба. Секој со свое темпо ќе заздравува. Беа во шок, па имаа неколку фази, кои поминаа. По шокот, имаа и лутина и тоа е нормална емоција, почнува периодот на тага, не кај сите, сѐ е индивидуално. Ги следиме, од ден на ден се менува состојбата и тука сме за сѐ што доаѓа по ред, па дури и за анксиозни состојби, депресивност и слично“, рече Бошковска и нагласи дека анксиозноста и депресивноста се состојби што допрва би можеле да бидат очекувани.
Бошковска вели дека се работи за колективна траума, но секој се разликува според степенот на засегнатост. Погодени од трагедијата се не само Кочани и околните места туку Бошковска смета дека нема човек во земјата што не е афектиран и токму затоа ги повика сите психолози, кои може да се вклучат, да се пријават за работа на терен. Досега за да помагаат се пријавиле вкупно 130 психолози, но не се охрабруваат сите за работа на терен.
Таа објасни дека наспроти шпекулациите, работата на сите психолози не е платена, туку тоа го прават хуманитарно и доброволно.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
