
Лавров: Западот сака да ја заузди Русија, Наполеон и Хитлер веќе се обидоа
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 25 Март 2025

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека желбата на Западот е да ја заузди Русија, што подразбира желба за нејзин стратешки пораз, а тоа, според него, е слично на намерите на францускиот император Наполеон Бонапарта и на германскиот канцелар Адолф Хитлер, кои за време на нивното владеење се обидоа да ја освојат Европа.
„Тоа е истата желба што постоеше во времето на Наполеон и Хитлер, желбата да се победи, понижи и порази Русија“, рече Лавров во интервју за „Канал 1“, пренесува „РИА новости“.
Лавров истакна дека Западот се обидува да постигне цели што се веќе поставени во историјата посочувајќи дека Русија е соочена со истите амбиции како и за време на претходните војни во Европа.
Зборувајќи за разговорите со Соединетите Американски Држави, Лавров посочи дека за време на преговорите во Ријад, Русија ја нагласила потребата од јасност во врска со иницијативата на Црното Море, во која е вклучен и договорот за снабдување со жито.
Според него, Русија побарала укинување на мерките поврзани со снабдувањето на пазарот со руски ѓубрива и земјоделски производи, кои биле во сила во текот на 2022 и 2023 година, но генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, според него, се концентрирал на пронаоѓање дупки во санкциите.
Лавров додаде дека преговарачите назначени од претседателот на Русија, Владимир Путин, сакаат да нема недоразбирања во текот на процесот и дека условите за Русија се јасно дефинирани за да се избегнат проблеми какви што имаше порано во врска со Украина и црноморската рута.
Рускиот министер нагласи дека САД сега разбираат оти само тие може да го принудат Киев да ги запре терористичките напади и нападите врз цивили и дека може да ја запрат ескалацијата во Украина.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
