Пациентите со тешки повреди на рехабилитација ќе одат во странство, веќе има понуди од неколку западноевропски држави, вели Таравари

Од 115 пациенти повредени во пожарот, кои се лекуваат во странство, денес во земјата се враќа еден пациент, кој се лекуваше во Белград. Министерот за здравство, Арбен Тараври, вели дека тој ќе го продолжи лекувањето кај нас.

 

„Пациентот е во добра општа состојба. Како што кажавме вчера, тој 24 часа минимум треба да престојува на една од клиниките. Ќе биде направена тријажа и потоа ќе биде сместен на една од клиниките во Клиничкиот центар“, рече министерот Таравари.

 

Од пациентите што се лекуваат надвор од земјата се уште четворица – петмина, како што нагласи министерот Таравари, сѐ уште се во посериозна состојба, кај некои имало и влошување на состојбата, но тој уверува дека здравствените работници даваат максимум за да им помогнат да го поминат овој тежок период.

 

Рехабилитацијата за пациентите што се во потешка состојба, која се очекува да биде подолготрајна, ќе биде во странски болници.

 

„Веќе имаме понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти, кои по неколку недели, ќе се вратат во Македонија. За оние што се потешки и кај кои треба подолгорочна и попрофесионална рехабилитација веќе изразуваат подготвеност. Во следните денови ќе известиме и каде може да бидат сместени тие пациенти доколку има потреба за подолготрајна рехабилитација. Од оние што се во потешка состојба сигурно некои ќе имаат и таква потреба“, вели министерот Таравари.

 

Во болниците во Скопје во моментот се лекуваат 39 пациенти. 12 од нив се на Клиничкиот центар, 10 пациенти се во старата Градска болница, 10 во ГОБ „8 Септември“. Во приватните клиники се седуммина пациенти.

 

Министерот Таравари рече дека добрата вест за денес е тоа што од болница излегуваат 12 пациенти, па на лекување во скопските болници ќе останат 27 повредени во пожарот во Кочани.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.