
Уште денес очекувам убави вести за македонските граѓани, рече Мицкоски за царините на Трамп
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 06 Април 2025

Премиерот Христијан Мицкоски очекува уште денес убави вести за македонските граѓани и економијата, во врска со царината од 33 отсто што САД ја воведе за увоз на македонските производи.
„На дневна основа работат тимови, и телефонски се слушаме. Очекувам многу скоро денеска убави вести за македонските граѓани и македонската економија“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој рече дека Владата и институциите на САД се во постојана комуникација, со тамошното министерство за економија, финансии, Стејт Департментот, кабинетот на претседателот Доналд Трамп.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски имал куса средба со државниот секретар, а на средбата станало збор и за царините, информираше Мицкоски.
Претходно неделава, американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови царини за увозот од 180 земји, вклучувајќи ја и Македонија. За увозот од Македонија, Трамп одреди царина од 33 отсто.
Владата потоа уверуваше дека одлуката на САД за царинските трошоци, нема да има голем импакт врз нашата економија, а тие имаат план за надминување на ситуацијата. Македонската влада тогаш кажа дека нема потреба од паника и избрзани реакции и заклучоци.
Трговската размена меѓу Македонија и САД минатата година изнесувала 314 милиони долари, од кои што 118 милиони долари е извоз на Македонија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
