(Видео) Мециновиќ: Зошто седум години не се распишува оглас за генерален директор на МРТ?

Пратеникот и портпарол на Левицата, Амар Мециновиќ, во контекст на актуелната собраниска процедура за именување нов Програмски совет на МРТ отвори низа прашања поврзани со легитимноста и транспарентноста во работењето на јавниот сервис на прес-конференција пред зградата на Македонската радио-телевизија (МРТ).

 

 

Мециновиќ потсети дека МРТ е една од најважните институции во државата, со историска улога во креирањето и зачувувањето на државноста и дека нејзиното работење мора да биде јавно, објективно и законски засновано. Според него, Комисијата за избори и именувања веќе утре во Собранието ќе го разгледува новиот состав на Програмскиот совет, кој потоа ќе оди и на пленарна седница за гласање.

 

Но, како што посочи, овој процес го отвора прашањето зошто паралелно не се распишува јавен конкурс и за избор на нов генерален директор на МРТ.

 

Пратеникот истакна дека актуелниот генерален директор првпат е именуван во 2012 година по што е реизбран во 2015 и во 2018 година, но од тогаш, иако законски мандатот е ограничен на три години, нов конкурс не е распишан. Тој го нарече ова директор со три мандати плус еден гратис и нагласи дека ваквата состојба е спротивна на духот на законот. Според Мециновиќ, уште од 2021 година постојат најави дека Програмскиот совет ќе распише нов конкурс за генерален директор, но тоа никогаш не се случило.

 

Истовремено, рече тој, Програмскиот совет сега презема иницијатива за избор на нов надзорен одбор со образложение дека му истекол мандатот, но не ја објаснува причината зошто не постапува и за позицијата директор. Според Мециновиќ, дури и самите записници од седниците на Советот потврдуваат дека тие не се сигурни во своите надлежности и бараат автентично толкување од Собранието, но такво барање досега не е добиено во Собранието. Во март годинава, рече Мециновиќ, без дополнителни објаснувања, Советот одлучува да распише конкурс за надзорен одбор во консултација со актуелниот директор, што дополнително ја прави ситуацијата спорна.

 

Левицата смета дека оваа состојба отвора сомнежи за можно политичко и лично влијание во управувањето со јавниот сервис, при што се користат правни сиви зони за одржување статус кво.

 

Претставникот на Левицата најави дека ова е само прва во серијата прес-конференции на кои ќе бидат изнесени дополнителни информации за работењето на МРТ, потенцијални злоупотреби и кршење на работничките права во оваа институција. Тој ги повика сите што располагаат со информации за работењето на јавниот сервис слободно да ги споделат со Левицата како парламентарна партија.

 

„Вистината сите ја знаеме – прашањето е дали ќе одлучиме да бидеме слепи за неа“, заклучи Мециновиќ потенцирајќи дека МРТ мора да се заштити од политичко и од приватно влијание и да се врати на вистинскиот пат – да биде сервис во интерес на јавноста.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.