
Ако има пропусти, ќе има одговорност, рече Таравари за пациентот што почина чекајќи операција на Кардиохирургија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 15 Април 2025

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ќе има одговорност ако бидат утврдени пропусти во случајот со смртта на пациентот Тони Ангеловски, кој со пукната аорта почина чекајќи операција на Клиниката за кардиохирургија.
Таравари рече дека сè уште го нема видено извештајот.
„Ќе го видам извештајот. Ќе треба да има веднаш и стручна комисија. Според моите информации, едната сала работела. Но, дајте ми време да го видам извештајот“, рече Таравари.
Семејството на 59-годишниот Ангеловски претходно обвини дека тој не бил опериран бидејќи од клиниката им кажале дека нема слободни сали. Ги препратиле до приватни болници, каде им било кажано дека квотата била исполнета до јуни. И покрај тоа ги повикале да го донесат пациентот, да го стабилизираат, но бидејќи немале дел кој им е потребен, не можело веднаш да се изврши процедурата.
Од Клиниката за кардиохирургија велат дека пациентот веднаш бил згрижен, ја примил потребната терапија, по што состојбата му се стабилизирала. Кога биле разгледани сите наоди, лекарскиот конзилиум утврдил дека ако се изврши отворен хируршки третман, шансите за преживување на пациентот би биле екстремно мали, што му било и објаснето на семејството. Од тука потврдија дека втората сала е надвор од функција повеќе од еден месец поради поставување нов апарат, кој бара и реадаптација на просторот.
Препорачани биле две приватни болници, како и лекување во странство.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
