
Македонија е тажна приказна, а Црна Гора е најблислку до членство во ЕУ, рече Марта Кос
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 29 Април 2025

Црна Гора останува најверојатната кандидатка од регионот на Западен Балкан, кој може да стане нова членка на Европската Унија за време на мандатот на сегашната Европска комисија, по неа е Албанија, а Северна Македонија е тажна приказна, изјави комесарот за проширување, Марта Кос.
Кос во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) појасни дека би било неуспех доколку ниедна нова земја не стане членка на ЕУ, а таа е сигурна дека тоа може да се направи.
„Можеме да го направиме тоа со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, затоа ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот на крајот на 2026 година од технички аспект“, рече Кос.
Таа предвиде завршување на преговорите со Албанија за 2027 година, но посочи дека е важно двете земји да продолжат со спроведувањето на реформите покрај завршувањето на техничкиот дел од пристапниот процес бидејќи од тоа на крајот ќе зависи и одлуката дали една земја може да стане членка на ЕУ.
Таа не ја исклучи можноста Молдавија, па дури и Украина, да стане дел од овој процес, па смета дека до 2029 година ЕУ би можела да има повеќе од две нови членки.
Таа имаше предупредувачки зборови за Србија велејќи дека властите во земјата сега треба да докажат дека навистина се за европскиот пат, а потврди дека во Брисел со симпатии гледаат кон студентите што протестираат барајќи реформи.
„Она што демонстрантите го бараат од српската влада е истото што Европската комисија го бара од Србија во преговарачкиот процес. Тоа се владеење на правото, борбата против корупцијата, јавните набавки, медиумското законодавство, изборното законодавство“, рече Кос.
Во однос на Косово, Европската комисија сега очекува формирање нова влада на прво место за да знае со кого ќе преговара, а Северна Македонија ја опиша како тажна приказна, со оглед на тоа колку долго таа земја го чека преговарачкиот процес. Коментирајќи ја ситуацијата во Босна и Херцеговина, Кос рече дека во услови кога политичарите го напаѓаат уставниот поредок на таа земја, тешко е да се отворат преговори.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
