Муртезани и Суперти со заедничка заложба за напредок на реформите и отворање на првиот кластер

Во рамките на дводневна работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со Валентина Суперти, директорка во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија.

 

Дискусиите се одвиваа во контекст на напреднатата фаза на подготовките за отворање на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), при што посебен акцент беше ставен на исполнувањето на одредниците за отворање кои се предуслов за отворање на овој кластер, дефинирани во Преговарачката рамка. Министерот Муртезани информираше дека Владата на Северна Македонија веќе ги финализира суштинските стратешки документи: Патоказот за владеење на правото, како и придружниот Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците и Патоказот за реформа на јавната администрација; со што практично се заокружува исполнувањето на условите и се отвора патот кон формално отпочнување на преговорите почнувајќи со отворање на првиот Кластер, известува Министерството.

 

Муртезани нагласи дека овие документи се резултат на темелна координација со Европската комисија и вклучување на релевантните чинители од институционалниот, граѓанскиот и експертскиот сектор, вклучително и јавни презентации пред надлежните собраниски тела. Финалната верзија на документите се усогласува со Европската комисија, пред нивното формално усвојување од Владата.

 

Дополнително, на средбата беа разгледани тековните активности поврзани со имплементацијата на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за раст за Западен Балкан, вклучително и процесот на евалуација на првото Барање за исплата на средства, доставено до Европската комисија на 14 март годинава. Се разговараше и за реформите планирани за реализација до јуни 2025 година, особено во областа на енергетиката, дигиталната трансформација, деловното окружување и владеењето на правото.

 

Суперти ја поздрави посветеноста на Владата во исполнувањето на своите обврски и проактивниот пристап во градење функционална институционална структура за управување со евроинтегративниот процес. Соговорниците ја истакнаа важноста од редовна и отворена комуникација, како предуслов за кредибилна европска перспектива и остварување на јасни резултати во приближувањето кон ЕУ, се наведува во соопштението на Министерството.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.