Меџити ќе чека на „Вреди“ да се приклучат членови од опозициските албански партии, а потоа ќе предложи нов министер за здравство

Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити како еден од лидерите на „Вреди“ денес рече дека предлогот за нов министер за здравство ќе го дадат кога ќе завршат преговорите, кои во моментот ги водат со членови на албанските партии, кои сега се опозиција. Тој е убеден дека многумина членови на Алијансата за Албанците, кои не ја поддржале одлуката на лидерот Арбен Таравари за излегување од „Вреди“ и од Владата, ќе преминат кај нив, но преговараат и со членови на други албански опозициски партии.

„Деновиве сме во преговори за повеќе опции, како политички опции. Ќе видиме како ќе заврши тоа, па врз основа на тоа ќе дадеме нов предлог за Министерството за здравство. Мислам на други поединци, политички субјекти, кои се надвор од ‘Вреди’ во рамките на ‘Европскиот фронт’, кои сега се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна. Преговараме со повеќемина, ќе ве известиме кога ќе има резултати. Тоа сигурно ќе биде следната недела“, рече министерот Меџити.

Тој вчера рече дека по излегувањето на Алијансата за Албанците од Владата, сите позиции што ги имале во Владата ќе останат во „Вреди“. Меџити денес потврди дека вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, од Алијансата за Албанците е можно да остане на функцијата и по излегувањето на неговата партија од Владата.

„Добро ја тера работата, значи успешно придонесува за промените и се надевам дека ќе продолжи“, рече Меџити.

Со кадровските смени во Владата и премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се занимава следната недела.

Арбен Таравари, пак, вчера извести дека и официјално ја достави неотповикливата оставка до премиерот Мицкоски по внимателна лична и професионална одлука.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.