Отворен јавен повик за финансирање проекти за воннаставни активности во основните училишта во Центар

Општина Центар објави Јавен повик за финансирање проекти за воннаставни активности наменети за ученици, наставници и родители во општинските основни училишта, на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.

 

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека право на учество имаат здруженија на граѓани и други организации од областа на образованието, со седиште на територијата на Општина Центар – Скопје, кои ги исполнуваат утврдените критериуми како: досегашно искуство во реализација на воспитно-образовни проекти, проширување на активностите во сите општински основни училишта, вклучување на обучувачи со високо научно звање (доктори на науки) од релевантни области, родова и старосна рамноправност и детален финансиски план.

 

„Нашите училишта не се само места за настава, туку и средини каде што се градат вредности и се развиваат карактери. Со овој повик вложуваме во образованието како темел на одговорно и морално општество, каде наставниците и стручните кадри имаат клучна улога во воспитувањето на младите“, вели Герасимовски.

 

Проектните активности треба да се реализираат во периодот мај – јуни 2025 година, а избраниот проект ќе добие финансиска поддршка во износ од 250.000 денари, еднократно исплатени од Буџетот на Општината.

 

Рокот за поднесување на пријави е до 20.05.2025 година до 15:00 часот. Пријавите се доставуваат лично во архивата на Општина Центар или по пошта на адреса:
ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, 1000 Скопје.

 

Целокупната документација треба да содржи: пријава со опис на проектот и план на активности, портфолио на здружението, биографии на обучувачите, ажурирана тековна состојба или решение за регистрација (не постаро од 6 месеци).

 

Проектите ќе ги разгледува стручна комисија формирана од Градоначалникот на Општина Центар, а сите пријавени ќе бидат писмено информирани за резултатите.

 

Повеќе информации за јавниот повик: https://www.centar.gov.mk/?p=25251





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.