
Билатералните прашања да останат билатерални, а не пречка за ЕУ, рече австриската министерка која е во посета на земјата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 16 Мај 2025

На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во официјална посета на земјава престојува министерката за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер. Ова е прва нејзина посета на Скопје по преземањето на функцијата на 3 март годинава.
Главен фокус на разговорите беше ставен на натамошното унапредување на билатералните односи и реафирмирањето на австриската поддршка за евроинтегративниот процес на државата. Беше заеднички констатирано дека односите меѓу двете земји се одлични – политички стабилни, економски силни и исполнети со заемна почит и доверба.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка. Министерот Муцунски ја истакна улогата на Австрија како најголем странски инвеститор и нејзиниот значаен придонес за економскиот развој. Во таа насока, ја потврди подготвеноста на Министерството и Владата активно да придонесуваат кон зголемување на трговската размена, промоција на нови соработки и привлекување австриски инвестиции, особено во областите на инфраструктурата, туризмот и енергетиката.
„Односите меѓу нашите две земји се одлични – политички стабилни, економски силни и исполнети со доверба и заемна поддршка. Австрија е најголем странски инвеститор во нашата држава, што зборува за длабочината на економската соработка и довербата во нашите институции. Особено ја цениме принципиелната и континуирана поддршка што Австрија ја дава на европската перспектива на нашата држава и на целиот регион. Како носител на групата земји „Пријатели на Западен Балкан“, Австрија игра клучна улога во држењето на проширувањето високо на агендата на ЕУ“, истакна министерот Муцунски во обраќањето пред медиумите.
Значаен дел од разговорите беше посветен на евроинтегративниот процес, при што министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и гласна поддршка од страна на Австрија. Соговорниците се согласија дека проширувањето на Европската Унија претставува геополитичка неопходност за безбедноста и стабилноста на континентот.
Министерката Мајнл-Рајсингер, во рамки на заедничката прес-конференција, подвлече дека земјата е важен дел од Европа и дека Австрија силно ја поддржува нејзината европска перспектива.
„Гледаме колку е направено од ваша страна и колку отстапки сте направиле. Поминаа 20 години од почетокот на овој пат, и сега сме должни билатералните прашања да останат билатерални, а не да стануваат пречка во процесот“, истакна таа.
На средбата oд страна на министерот Муцунски беше изразена благодарност за австриската помош и солидарност по трагичниот настан во Кочани, кога повредените беа згрижени во болници во Виена и Грац – гест што уште еднаш го потврдува пријателството и блискоста меѓу народите на двете земји.
Министрите разменија мислења и за актуелните меѓународни случувања, при што заеднички констатираа дека во време на глобални предизвици е неопходна силна координација меѓу партнерите. Потврдија дека двете држави стојат заедно на страната на мирот, почитта кон меѓународното јавно право и одбраната на основните демократски вредности.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
